Мајко, не ти се исполнети желбите – синот на Есма апелира државата да го среди музејот на Кале

by fokus

Денеска се навршуваат три години од смртта на Есма Реџепова Теодосиевска, позната ширум светот како кралица на ромската музика, но и голема хуманистка која одгледа 47 момчиња и едно девојче во тек на својот живот.

Симеон Атанасов е едно од момчињата кои таа ги згрижи и кој остана покрај неа до крајот на нејзиниот живот, менаџирајќи ги нејзините настапи. Денес, по повод годишнината од нејзината смрт, тој упати апел до надлежните да не се чека повеќе и конечно да се среди куќата на Кале која Реџепова и ја остави на државата, со цел да биде претворена во музеј.

-Многу размислував дали воопшто ова да го објавам, но морав, првин за себе, а потоа и за сите други да ја дознаат вистината. Токму на овој ден, кога изминуваат три години од смртта на големата Есма Реџепова, (Мојата Мајка) јас решив да проговорам. Кога во 1991 година Стево и Есма Теодосиевски решија да се вратат во Македонија, тука да направат музеј и се што стекнале во нивните долгогодишни музички кариери да и остават на оваа држава, јас паметам дека тогашните власти на Србија со жалење го прифатија тоа. Нивните зборови беа: ,,Ве молиме да не си одите од Белград, ние ќе ви изградиме музеј каде и да посакате”. Сепак на инсистирање на Стево се преселивме во Скопје. И така почнаа проблемите, сигурно многумина од вас ќе се сетите на големиот наслов “На Водно нема да чука тарабука”. Не им дозволија да се гради музејот на Водно, иако самите беа инвеститори на се, пари заработени со нас децата кои што исто така имаме допринесено барем по една цигла за тој музеј. Со големи маки им дозволија да се гради на Кале. Додека се градеше ние спиевме во камп приколка две години. Сите деца што беа, во тоа време си заминаа, јас останав бидејќи немав каде одам. Некако се изгради дел од тој музеј, барем некои простории за да се сместиме внатре, но требаше уште многу за да се заврши. Почина Стево, остави еден куп проблеми со кои требаше да се справува Есма, долгови за градба, мајстори, дрвени прозори од кои што дуваше бидејќи беа ставени колку да се каже дека има прозор итн… Почнавме да работиме и некако се гледаше крајот на таа градба, 860м2 и дворно место 1300м2, не е малку, но сепак не беше се уште се завршено. Се појави видовитата Клеопатра која што и кажа на Есма: “Сонував дека морам да ти помогнам да го завршиш музејот”. Така и беше. Дојде, се смести во куќата и почна да работи со луѓе и секоја вечер собираше пари кои и ги даваше на Есма. Но, на тие пари не им се знаеше трагата, веројатно дека беа земени од луѓе кои што си имаа своја мака. Помина и тој период, музејот не беше завршен, па еден ден и предложив на Есма да земеме кредит за да го заврши и да го види готов додека е жива, а тоа и се случи. Со 50.000 евра беше веќе при крај, остана само големата музејска сала каде што по некоја си желба на Стево требаше и нивните урни да бидат поставени. Ништо од тоа не се случи и сега после три години откако почина Есма, оваа држава нема никаков интерес за да го заврши тој музеј и да си го земе под своја заштита затоа што по тестаментите на Стево и на Есма тоа припаѓа на Македонија. И додека се влечеме по судови зградата пропаѓа, таканаречените Реџепови однесоа се што беше вредно, фрлија цела историја во вода, се што е градено со години, веќе не постои. Па, би ги замолил надлежните да ги земат работите во свои раце. Грев е и срамота пред целиот свет што дозволуваат ова да се случува. На крај, само можам да го кажам следново – Мајко, не ви се исполнети желбите – порача Атанасов.

Куќата на Есма, која според тестамент таа и ја остави на државата, со цел да стане музеј, беше повод да се огласат и роднините на Есма кои што живеат во странство, односно внуци на уметничката од браќа и сестри, кои што не го признаваат тестаментот и бараа тие ја добијат куќата.

Од истата беа однесени сите вредни предмети и беше оставена празна, а тогаш роднини на Есма изјавија дека тие ги зеле предметите и ги оставиле на сигурно, бидејќи се плашеле од крадци. Лани, премиерот Зоран Заев изјави дека има проблем околу домот на Есма, кој е отворен и времето го уништува.

-Министерството за култура веќе одржа два состанока со дел од членовите на семејството за да можеме да ги завршиме претходните постапки и конечно да влеземе во домот, да го реконструираме, да го одржиме и да биде отворено катче за Ромите и за сите граѓани како споменик на културата. Да биде понуден како што таа оставила во аманет, за општествени дејности, информираше тој. Од Министерството за култура, лани исто така информираа дека во моментот постоела законска пречка за прифаќање на ваквиот условен тестамент, од причини што ќе предизвика фискални, стручни и други импликации.

-Ќе треба да се исполнат и посебни услови за куќата да може да се прогласи за музеј, предвидени со Законот за музеите и Законот за заштита на културното наследство- порачаа тогаш од министерството.

В.К.

Поврзани новости