Мајката на исчезнатата Марија за ,,Фокус”: Остануваме овде додека не се најде нашата ќерка!

by fokus

“Да не даде Господ никому на свет вакво нешто, четири месеци ваква неизвесност, болка која не се опишува. Никој не може ниту да претпостави како ни е, и никогаш да не претпостави, до толку е тешко”. Со овие зборови го започнува телефонскиот разговор за ,,Фокус” Валентина, мајка на Марија Брзакова (28), која на 18-ти јануари исчезна од домот во Босилово, Струмица.

Веќе четири месеци од младата жена и мајка на три – годишно девојче нема ниту трага, ниту глас. Таа заминала од домот на 18-ти јануари, околу четири часот наутро, без документи и мобилен телефон. Од тогаш, потрагата на полицијата која се уште трае не даде резултат. Марија ја нема.

-Ништо, ама баш ништо не можеше да ни навести дека вакво нешто ќе се случи. Ние живееме во Швајцарија, исто и Марија со сопругот и ќеркичката живееше таму. Се вратија во Струмица на кратко, не за да останат, туку на мал одмор. Нејзината ќеркичка е мала, не оди во градинка, затоа сакаа да поминат малку време во Македонија.
По дознавањето на веста дека Марија ја нема, и јас и сопругот се вративме во Македонија. Тука сме, не одиме никаде се додека не се реши случајот, се додека не се најде нашето дете. Нејзината трага се губи овде, во Македонија, ние остануваме тука, бидејќи мислиме дека овде може да биде нашата ќерка, не се враќаме во Швајцарија додека трае оваа агонија – појаснува Валентина.

За Марија, раскажува дека била смирена и добра личност, дека била внимателна со сите, дека никогаш не би го оставила детето и би му приредила ваква агонија на целото семејство. Затоа, прашањето каде е нејзината ќерка и потрагата по одговорот не им давала мир овие пет месеци.

Во времето кога Марија исчезна, на социјалните мрежи нејзини роднини споделија вест дека таа е бремена во вториот месец. Мајката ја потврдува веста, со цел да посочи дека сега таа би требало да биде трудница во поодмината бременост, односно некаде во околу шестиот или седмиот месец во бременоста.

-Доколку некој ја забележи, да, таа сега би требало да изгледа поинаку, односно да биде во поодмината бременост. Не знам што друго би кажала, освен апелот ако некој има било каква информација, веднаш да пријави во полиција. Многу ни е тешко, премногу… Ваква неизвесност, ваква болка… Во контакт сме со полицијата, со обвинителството… Потрагата трае, беа земени мобилните телефони на вештачење, се прегледуваа снимки од камерите на објекти во Босилово, обвинителството веќе ги објави тие информации. Ни преостанува само да чекаме, да се надеваме на најдобро.
Нејзината ќеркичка е се уште мала, не сфаќа што се случува, тоа ни е како една утеха – вели Валентина.

Неколку дена по веста дека исчезнала Марија, во јануари, ,,Фокус” разговараше со Валентина, која појасни како била облечена нејзината ќерка, како изгледала, колку била висока, со цел некој да ја препознае. Потоа мајката престана да одговара на телефонските повици. Вели дека болката и е голема, се наоѓа во тешка и незавидна состојба, затоа се повлекла во себе.

Околу објавите на социјални мрежи кои беа актуелни неколку недели по исчезнувањето на Марија, дека наводно била забележана во Битола и други градови, нејзината мајка вели дека истите биле проверени од страна на полицијата и се испоставиле како лажни.

-Да, се пишуваше дека ја забележале во еден, па во друг град, но ништо од тоа не се испостави дека е точно, полицијата ги провери тие гласини. Единствената вистина е дека Марија уште не е најдена, а ние остануваме овде да го чекаме денот кога сето ова ќе заврши – ни изјави мајката на Брзакова.

Според последните информации од ОЈО Струмица, оформен е предмет и биле превземени повеќе дејствија. Испрашани биле сите лица кои би можеле да имаат сознанија за исчезнувањето на Марија, извршен бил претрес во нејзиниот дом, вештачен бил нејзиниот и мобилните телефони на нејзини блиски, прибавени биле видео снимки од камери на повеќе објекти во Босилово.

Од податоците од граничните премини и аеродромите во земјава, било утврдено дека таа не ја напуштила државата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости