Александра Ангелова, мајката на четиримесечното бебе од Кочани заразено од корона вирус на својот фејсбук профил реагира на условите во кои се сместени на скопската Инфективна клиника. Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
„Ма какво менаџирање, каков способен здравствен систем, БРАВОО! Не знам ни сами дали си верувате во бајката. Кога и човек како мене со челични нерви успеавте да го изреволтирате. Кого лажете за добра комуникација, доктор и пациент? Да лежиш 15 дена на инфективна клиника и еден доктор да не ти каже резултати, ни зошто примаш терапија и зошто те боцкаат? Кога прашуваш за вода да ти кажат дека се потрошила донацијата, а на телевизија кажувате бебе на посебна исхрана. Каква е таа посебна исхрана??? Три дена да ти велат дека ќе земат брис на бебето, а не земаат. Гајле ви е дали има чиста облека или парно за доколку испереш нешто да се исуши? Да ти кажуваат спреми се, си одите, а за 15 минути да дојде друг да ти рече, не си одите? Еден со друг не сте усогласени и зборувате за добро менаџирање. Две недели еден доктор ме преслуша и сега наеднаш здраво бебе ќе чека да си оди, бидејќи на вас сега ви текна да и земете крв на мајката, за која некои од докторите не знаеја ни дали е хоспитализирана. Со чии нерви си играте Вие? Вие штом не можете на крај да излезете со стабилните пациенти, Господ нека им е на помош на критичните. Единствено големо браво за педијатарот, целосно посветена и одговорна. Сечие трпение и сечија истрајност има крај.
П.С. Додека Ве слушав на телевизија и јас верував во вашата БАЈКА! -пишува мајката.
„Фокус“ разговараше и со директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, која рече дека ќе спроведе истрага за да види од која причина се обвинувањата на мајката.
„Едно знам дека целиот тим е посветен и го работи се ова со ентузијазам. Сите се посветени на бебето, кое е најмало тука. Требаше да ги пуштиме, но се чека брисот на мајката. Дополнително ќе излеземе со информации околу овие обвинувања – истакна доктор Стевановиќ.
И.М.