Цеце Пешовска во брако-разводната постапка го изгубила старателството над децата и нив ги добил нивниот татко. И била одредена алиментација од околу сто евра месечно, но таа како невработена немала пари да плаќа. Поради тоа, активистката Ирена Цветковиќ пред два месеци организираше акција за собирање на средствата кои ги должи мајката, бидејќи и се заканувала затворска казна. Беа собрани сите 44.000 денари кои Цеце ги должела и парите се уплатени на сметката на децата, а до Судот со помош на Хелсиншкиот комитет била поднесена жалба за одлуката за затворска казна.
Сега, мајката доби одлука од Судот дека и покрај тоа што средствата се уплатени, жалбата се одбива и таа треба да оди во затвор. Цеце треба да го остави своето мало дете кое го има во сегашниот сопруг.
Ирена Цветковиќ во изјава за Фокус вели дека со оваа одлука сите губат. Мало дете ќе остане без мајка, двете деца од претходниот брак нема да добиваат алиментација и нема да ја гледаат својата мајка која ќе биде во затвор.
-Проблемот можеше многу поинаку да се реши. Цеце треба да се врати на пазарот на трудот, да добие работа со која ќе може да го издржува малото дете, како и да ја плаќа алиментацијата на првите две деца. Кога ја организиравме акцијата за собирање на средствата, неколку луѓе веќе се понудија да ја вработат. Сега со ваквата одлука, сите губат, вели Цветковиќ.
Во моментов, правници ја разгледуваат последната одлука на Судот за одбивање на жалбата за да се преземат наредни чекори.
Катерина Смилева