Маја Павловска за навредите на лицата со посебни потреби: ЛУЃЕ НЕСПОСОБНИ ДА ВОДАТ КУЌЕН СОВЕТ ВОДАТ ДРЖАВА

by fokus

Маја Павловска, познат текстописец и ликовен уметник, ќерка на легендарниот текстописец Јован Павловски, и лице со посебни потреби, револтирана од страна на одредени лица од власта, по повод нивните навреди на ранливата категорија на граѓани со телесна и ментална попреченост, вчера на својот Фејсбук профил го свтре вниманието на јавноста со искрен статус.

,,ЦИТИРАМ:

Илија Димовски: “Ние не сме ИНВАЛИДИ”… и ” среќа што не сум ЛИЦЕ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ, за да те разберам” …

Бетмен: “Штета што Антонио умее да чита течно и нема ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ… “

Ванковска: ” Мислењето од ланската колумна “Игорче и Кејти”, не сум го сменила ни за милиметар, само што “Игорче” (Македонија) е поРЕТАРДИРАН од порано…”

  1. Да живеевте во нормална држава, само за 15 минути по вашите изјави ќе ви завршеше кариерата за сите времиња!
  2. Штом дојдовте до дереџе да ги злоупотребувате лицата со посебни потреби во вашите бедни изјави, јас, како лице со посебни потреби ќе си дозволам да ве ставам во една најнова категорија луѓе:

“ЛУЃЕ КОИ ЕГЗИСТИРААТ БЕЗ НИКАКВА ПОТРЕБА”!

Од вас повеќе не очекувам ни срам, ни осет, ни памет, ни култура… Очекувам од народот со трошка свест, што побрзо да ве заборави!!!,, – им порача Павловска на Илија Димовски, Билјана Ванковска и Бетмен ( Богдан Илиевски). Инаку Маја, веќе подолг период живаа во Холандија и никогаш не ја криела својата огорченост од надлежните институции кога се правата и условите за нормален живот на хендикипираните лица во Македонија во прашање. Вели дека е во шок од дискриминацијата која што се случува во нашата земја, и тоа од страна на луѓе кои што би требало да ги решаваат проблемите на овие ранливи категории.

14502038_10210424532513354_2031194121_n

,,За навредите што со години ги трпиме од луѓето, кои добиле надлежност да се грижат и да ги решаваат проблемите на луѓето со посебни потреби, со секој нов ден, имам се поголемо чувството на гадење. Со еден збор МИЗЕРИЈА! Поуличарски изјави, без трошка осет никогаш не ми се случило да чујам од луѓе, кои би требало да значат некаков авторитет. Според мене, како лице со посебни потреби, го изгубија кредибилитетот како политичари и јавни личности. Неспособни и неподобни  да водат ни куќен совет, а камо ли држава. Ова да се случеше во Холандија, каде што живеам во моментов, веднаш ќе се простеа со своите кариери, затоа што законот за дискриминација по било која основа функционира беспрекорно. Но, тука не е само законот, туку и воспитанието и свеста  на личностите на такви одговорни функции, каде што секој искажан збор се мери. Тоа не се учи. Или си или не си човек со респект спрема сите различности. Тоа се добива со домашното воспитание, од 0 до 7 години. За вакви испади на “зрели” луѓе, нема чаре ни медицината. Можеби во некое идно време кога ќе постои евентуално некој метод, како трансплантација на мозок. Конечно сфативме која е основата на нерешавањето на нашите проблеми од кои ни зависи секојдневието и зошто сме “шкљ” категорија и нула приоритет кога се работи за решавање на инфраструктурата, која ни е најважна за секојдневен влез и излез од дома и непречено движење низ сите градови во државата, вклучително и Скопје, кое љубат да кажат дека го направиле метропола. Ако воопшто знаат што значи зборот и што се би требало да содржи една метропола. Нивната бедотија и исфрустрираност се рефлектира во целиот наметнат кич и грдотија, кој не сакам, а дури и да сакам би можела од блиску да го видам евентуално со некоја лебдечка машина, затоа што во 21 век, побитно им беше инвестирањето во мртви споменици, отколку во рампи и лифтови за живи луѓе со посебни потреби. Ете затоа, заради нивниот респект кон нас, засекогаш ќе останат во најновата категорија “ЛИЦА КОИ ЕГЗИСТИРААТ БЕЗ НИКАКВА ПОТРЕБА”.- раскажа за ,,Фокус,, Павловска. Инаку, нејзиниот татко е автор на безвременскиот хит ,,Бисер балкански,, песна која што често се слушаше на контра протестите на ГДОМ. Пред неколку месеци, по тој повод, Маја порача дека оваа песна не оди зедно со режимски сендвич и даде поддржка на Шарената револуција. Таа е текстописец на голем број на нумери на Тоше Проески, Лидија Кочовска, Есма, Марјан Стојановски. Како автор на 17 сонгови на мјузиклот ,,Чикаго,, на премиерата лани во Скопје, не можеше да присуствува, бидејќи нема соодветен влез за лица со посебни потреби, односно лифт за пристап со инвалидско помагало во МНТ.

Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби вчера подготви пријава до Комисијата за заштита од дискриминација, за „споредбите“ кои на социјалните мрежи беа правени за Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и лицата со посебни потреби и инвалидитет. Според Даниела Мирческа, регионален координатор на Ресурсниот центар, пријавата се однесувала на „експлозијата“ неодмерени статуси и споредби на социјалните мрежи, постирани од јавни личности, кои пак, цитирале политичари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости