Еден од најдобрите женски вокали кој што се појавил на нашите простори, поп дивата Маја Оџаклиевска, деновиве од Белград, каде што живее и работи веќе 46 години, допатува во Охрид. Причина за посетата на родната Македонија е Охрид Фест, кој што започна завчера, а Маја настапи вчера, како специјална гостинка на фестивалот и ја доби наградата за животно дело. Секогаш позитивна и расположена, таа ни кажа дека е пресреќна што по долги години повторно е во Охрид, и им порача на македонците да си го сакаат и чуваат овој бисер.
,,Охрид ме препородува! Ова е најубавиот град во светот и кога и да дојдам во Македонија, не пропуштам да го посетам. Македонците се среќни што го имаат ова место кое што изобилува со историја, со невидена природна убавина. Набргу пак се враќам во Белград, Србија, но импресиите од Охрид ќе ме држат уште долго време. Се наполнив со позитивна енергија, се сретнав со многу драги луѓе, срцето ми се исполни,, – вели Оџаклиевска. Таа додава дека е свесна за тоа како се живее во Македонија, бидејќи и во Србија е слично, па самоуверено вели ,,Политичарите нека носат мудри одлуки, новинарите нека известуваат одговорно, а јас ќе пејам! Тоа е мојата животна мисија. Секој за она за кое што е роден!,,
Маја беше во Македонија пред три години, кога настапи на Пиво Фест во Прилеп. Додава дека секогаш и е драго кога ќе ја поканат да гостува во својата родна земја, но бидејќи во Македонија нема свое катче, не се задржувала подолг период и се водела според српската поговорка ,,Сваког госта три дана доста,, (На секој гостин три дена му се доста).
Таа и во Србија е посветена на музиката и сеуште настапува, но во последниве години главна преокупација и бил внукот Лука. Слободното време го минувала со него, со двете ќерки и со пријателите. Вели дека себеси се смета за многу среќна што имала можност да соработува со големи имиња од светот на музиката, како што се Григор Копров, Кире Костов, Сања Илиќ, Раде Радивојевиќ и други. Нејзините хитовски композиции ,,Шила,, ,,Не допирај ме,, ,,Многу солзи,, и други, се песни кои што сеуште траат и по сите изминати години. Од Македонија во Србија се пресели во 1970 година, во потрага по подобар живот, напредок во кариерата и желба да се докаже и надвор од нашите граници.
Вики Клинчарова