Двете најголеми владеачки партии функционираат како мафијашки калнови. И двете владеачки партии на нефер и нерегуларни избори ја добиле целосната извршна и законодавна власт, а владеат и огромно мнозинство од општините, кои исто така се добиени на нерегуларни избори. Огромната моќ, надополнета со поклопените државни институции, како и со контролираното обвинителство и судство, на владеачки партии им овозможи да функционираат како мафијашки кланови, ослободени од владеењето на правото. Злоупотребата на државните ресурси во функција на опстојување на власт е речиси усовршена.
Би сакал да укажам на фактот, кој многумина го занемаруваат, а тоа е дека режимот од вкупно 81 општина (со се градот Скопје) контролира најмалку 72 општини, односно преку 88% од вкупниот број општини. Во секоја од контролираните општини постои екипа на луѓе, блиска до општинската и централната власт, за која нема закон, нема суд и нема правда. Ако прошетате по општините и поразговарате со луѓето, тие ќе ви посведочат за многу очигледни криминали кои не се санкционирани и по две-три имиња на два-тројца локални шерифи во секоја општина. Ако пак седнете и на ручек со некој кој се мачи да одржува фирма, тогаш ќе добиете список на рекетирани бизнисмени во поголемите општини, како и имиња и презимиња на газди во чии фирми државните инспекции не смеат да припарат.
Како и во мафијашките филмови, така и ДПМНЕ и ДУИ си ја поделиле територијата во која владеат нивните банди. Околу 91% од општините каде мнозинство се Македонци добива ДПМНЕ, а околу 82% од општините каде Албанците се мнозинство добива ДУИ. Да нема забуни, ДУИ има помал процент затоа што вкупниот број на “албански општини“ е помал и затоа што режимот мораше да го подмири со две општини ДПА. Нели, за мир во куќа. Зијадин Села им ја растури математиката во Струга, се останато им е уште под целосна контрола. Секако, треба да се сетите на убиениот телохранител и возач на Села, па и последното убиство во Струга, каде е убиен заменик-директор на УЈП, за кој медиумите пишуваат дека е одмазда на прретходното убиство.
Деновиве бевте сведоци на нови тепачки, пукања и убивања во ограноците на ДУИ. Тоа беше случај и минатите години.
Ако се прашувате зошто вакви случувања нема во ДПМНЕ, а владеат на ист начин? Во ДПМНЕ се знае кои 5-6 луѓе одлучуваат, таму Груевски и потесниот круг на соработници ја имаат целосната контрола. Во ДУИ тоа не е случај, таму има повеќе крила, кои почнуваат вистинска војна за борбата за позиции и моќ, и очигледно е дека Али Ахмети ја нема целосната контрола врз партијата. Дел од крилата во ДУИ сакаат сами да се пазарат за своите позиции со ДПМНЕ, а не тоа во нивно име да го прави раководството на ДУИ. Недемократското владеење подразбира дефицит и на внатрепартиска демократија во двете партии. Но, ситуацијата во ДУИ е посложена. Отсуството на демократија надополнето со огромниот клиентелизам, кој е екстремно развиен во таа партија, како и нервозата која произлегува од притисокот на базата поради тендер политиката (за врвот на партијата тендери наместо подобар живот за Албанците во Македонија) се причините во кои можеме да ја бараме “вината“ за ваквите случувања во ДУИ.
Од ваквиот развој на настаните во ДУИ највеќе причини за загриженост има Груевски. Ваквите случувања во ДУИ се увертира за уште едни недемократски избори. Груевски знае дека може стабилно да владее само ако му е ДУИ стабилен. Затоа очекувам ДПМНЕ да се обиде што побрзо да биде медијатор за надминување на внатрепартиските проблеми во ДУИ. Ако тоа не успее, убеден сум дека Груевски и Ахмети имаат план Б.