Made in Macedonia

by Fokus

Пишува: Ида Протугер

(Колумната е објавена во весникот “Дневник” во јуни 2009 година)

Антички или словенски? Дебатата околу нашите корени што интензивно се води последнава година, а кулминираше по дебатата на екс премиерот Љубчо Георгиевски и археологот Паско Кузман, не отвори само историски теми и проблем на криза на идентитетот, туку изгледа нѐ разобличи до коска.

Во очекување на стручна дебата во која во јавноста фактите ќе ги изложат најповиканите, историчарите, се враќам накусо на споменатата дебата во која екс премиерот посочи дека со наметнувањето на античките корени како државна политика, власта создава нова поделба, овојпат помеѓу Македонците, кои се караат дали се антички или словенски.

Кузман се изначуди дека таква кавга постоела и дека луѓето дебатирале, па и се карале. Наредниот ден по ТВ соочувањето, бев сведок токму на таква кавга на една од емисиите со активно учество на граѓаните.

Една госпоѓа во емисијата забележа дека ние не можеме да потекнуваме од античките Македонци затоа што тие биле храбри и освојувачи, а ние сме биле кротки и кукавици. Возврати друга гледачка гневна на нејзината претходничка и соопшти дека треба да се користат “факти и докази”, а како доказ го понуди својот изглед на античка Македонка со сини очи и руса коса.

Дебатата кулминираше со јавување на една гледачка од едно мало гратче, која како доказ дека ние не само што сме наследници на античките Македонци туку дека се потекнува од нас, е тоа што, цитирам, “зборот маде, што се употребува во терминот made in насекаде во светот и го има на секој натпис на облека, всушност потекува од македонскиот збор маде (простете на вулгарноста поради автентичноста на пренесениот збор).

Забелешката дека идентичноста на зборот маде со англискиот термин made in (од англискиот јазик “изработено во”) за жителка на нашата земја дека зборот не само што е македонски, туку го прифатиле сите луѓе на планетата Земја, ми се виде застрашувачка.

Се исплашив од сознанието дека таа анонимна гледачка, која во оваа пригода ќе ја наречам тетка Стојна, е всушност профил на просечниот гласач. Во нејзини раце е мојата судбина и одлучувањето кој ќе ја води државата и каква политика и е потребна на оваа земја.

За да се долови сликата каква е таа рака што одлучува, во делот на образованието ќе се послужам со статистиката од последниот попис во 2002 година која покажува дека од 1.600.000 лица на возраст од над 15 години, со завршено основно образование се само 35 отсто, со завршено средно 36 отсто, а со универзитетско само 6,5 отсто. Толку за предрасудата дека сме образована нација.

Натаму, во Книгата на факти на ЦИА во делот за населението на земјите, за најголемиот број развиени нации е наведено дека вообичаениот школски век е 17 години, односно годините поминати во основно училиште, средно и на факултет.

Во делот за Македонија наведени се 12 години просечен школски век, што е збир на годините до завршено средно образование. Толку години се наведени и кај статистиките за Азербејџан, Туркменистан, во Бугарија на пример, просечниот школски век е 14 години. Ваква образовна структура на население ги прави граѓаните значајно подложни на манипулација затоа што им недостасуваат факти и точни информации.

Следствено на побарувачката доаѓа и понудата на политички “елити” што владеат. Сепак, тука не е идејата да се велича образованието како највисока вредност, бидејќи нашиот народ вклучително и тетка Стојна има и многу други вредности, етика, мудрост и сл.

Наскоро нема да може ниту вистински да се оцени квалитетот на образовниот кадар бидејќи процентот е на пат вештачки да се зголеми со мегаломанскиот проект на отворање универзитети речиси во секое гратче и село, иако статистиката зборува дека не може да се изнедрат толку професори.

Но, тука е важно да се спомене образовниот момент од друг, многу важен аспект, а тоа е идејата на власта, пред се на премиерот, да се сокрие зад таа рака што одлучува. На референдум за најсуштинските прашања како името, за кои е многу важно образованието, познавањето на надворешно-политичкото опкружување, далекусежното размислување и зрелоста, да се затскрие зад тетка Стојна и да не преземе одговорност за тоа што е избран.

Ако се знае дека тетка Стојна мисли дека нашето “маде” е коренот на светот, со кои факти ќе излезе на референдумот и ќе ја одреди судбината а сите нас?

Дополнителна отежнувачка околност во одредувањето на нашата судбина е и манипулацијата со народот што ја направи оваа власт, сакајќи празниот џеб да му го комензира со чувство на гордост. Му понуди ефтина проказна за надмоќна нација која се продаде како алва.

Србија не е далеку, но очигледно е далеку сеќавањето како заврши таа авантура на “вселенска нација”. Но барем тоа искуство е зад нив, а кај нас стана сегашност. Притиснати сме во ќор-сокак, задушени во голиот популизам, потонати во немаштијата и надмоќ на лагата над вистината.

Надежта се гледа во новите генерации и во пробивот на информации. На “Дискавери” на пример, секојдневно се прикажуваат документарни филмови за тоа какви нови машини за производство се откриваат, како до совршенство е доведено производството на обична четкичка за заби, музички инструменти, спортска опрема и слично. Како мозочните клетки можат да се насочат да работат конструктивно и во насока на создавање наместо да се бараат антички јадренца во нив.

И кога веќе дојде време да се пребројуваат капките античка крв во нашите вени, можеби е добро да ги пронајдат носителите на власт, па храброста на Александар, на која се повикуваат, да ја употребат и да донесат решение без да се кријат зад нечија рака и да ја изведат Македонија таму каде што припаѓа, во европската цивилизација.

 

 

Поврзани новости