Велосипедизмот во Македонија во последните години зема голем замав како екстремен спорт, но и како рекреација за многу граѓани на нашата држава. Групи на велосипедисти често се организираат и прават велоспедски тури низ многу краишта во Македонија.
Една од нив е и „Macedonian Bike Riders“, која овој петок го слави својот четврти роденден. Групата има организирано повеќе од 250 тури за овие години, од кои 165 се само во недела. Останатите тури се повеќето рекреативни или организирани за хуманитарни настани.
Првиот човек на „Macedonian Bike Riders“, Горан Богоевски не го криеше задоволството од досегашното функционирање на групата, најавувајќи нови работи кои ќе се случуваат во иднина.
„И јас, но и членовите и учесниците на велосипедските тури сме задоволни од нашата четиригодишна дружба. Се откриваат нови места, нови предели. Посебно ми е драго што најмладите учесници се пресреќни и им раскажуваат на родителите дека убаво си поминале и каде се биле со велосипед“, вели Богоевски.
Тој не може да избери најубава тура која била извозена досега со велосипедистите. Сепак, како што вели есенските тури му се слабост, додавајќи дека за велосипедистите не постои сезона за возење.
„Навистина е тешко е да се издвои најубава тура. Секоја тура различно се доживува и секоја е убава на свој начин. Сметам дека есенските тури се најубави. Самата планина, лисјата, природата си го прават своето. Љуботен, Караџица, Скопска Црна Гора се едни од најубавите места за возење. Исто и пролетните тури. Прекрасно е кога се раззеленува, се е во цутот, кога се буди пролетта. Тогаш е идеално за возење, се полнат очите и душата. Кај нас не престанува сезоната за возење“, вели Богоевски.
Оваа група на велосипедисти често зема учество, но и организира хуманитарни тури, со цел да им се помогне на оние на кои најмногу тоа им е потребно.
„Идејата за такво нешто се роди кај мене. Пред се како човек, а сум и крводарител. Собираме пари за тие кои имаат најмногу потреба од сите нас. Сите што се занимаваме со ваков спорт, планинари, кајакари, каратисти, доаѓаме до луѓе кои имаат потреба од некаква помош. Првата година возевме за девојче болно од церебрална парализа и епилепсија. Испечативме маици со нашето лого и препродажба, да собереме повеќе пари. Собравме околу 800 евра од таа акција. Возевме во чест на Јоце Блажевски, момче болно од церебрална парализа. Се собираа средства, се правеа настани“, раскажува Богоевски.
Се чини дека безбедноста на велосипедистите е на последно место за кое се дебатира. Во последно време се почесто се случуваат несреќи на улиците, а според Богоевски, треба да се работи многу и на културата, но и да се почитуваат правилата при возење на велосипед.
„Мора да се работи многу на безбедноста. Вината е секогаш кај организаторите. Јас почнувам од мене како организатор на тура. Мора да се седне на маса, да се дебатира, јавноста да биде запознаена. Со цел да не дојде до некој несакан случај, а има такви, за среќа не биле кобни. Секогаш број еден е исправно технички велосипед. Мора да се има добри кочници, затоа што се постигнуваат големи брзини, не понесува адреналин и мора да се внимава. Кацигата исто така е важен елемент. Без разлика дали е асфалт или земја – кацигата мора да се носи. Јас имам почувствувано на моја глава што значи удар. Се паѓа кога најмалку се очекува. 70 отсто велосипедисти не носат кацига на главата. Ако паднеш, земјата е полесна – таму имаш грмушки, трева и ќе се амортизира падот, а вака на асфалт директно паѓаш на глава“, револтирано вели претседателот на „Macedonian Bike Riders“.
Неговата група се почесто оди на екстремни места, кои тешко се достапни и за автомобил. Сепак, според Богоевски, Солунска Глава е најголем предизвик, но истовремено и најтежок. Како што вели, и покрај зацртаната цел, секога пред се е безбедноста.
„Мала е Македонија, а многу места не се откриени. Ние ги направивме достапни за велосипед. Јас сум тимски играч и не е целта Богоевски Горан да се качи на Љуботен или на Солунска Глава и по цена да се качам, а да ги оставам членовите назад. Но, Солунска Глава е најтешка за искачување. Секој што бил знае. Условите на Солунска Глава се страшни, без вода, комуникација, храна. Таму ништо не може да стигне до тебе, освен војска и не дај Боже хеликоптер. Страшен е теренот за возење, има камења како на Голи Оток и се исцрпуваат последните атоми, а те чека пат за враќање до Скопје. Затоа тие се ризични тури. Планината е непредвидлива и има неколку фактори – исцрпеност, вода, храна, време. Но, не секогаш е целта да се освои планината. Безбедноста е на прво место“, ни раскажа Богоевски.
Богоевски уште во февруари оваа година сакал да ги затвори турите поради смрт на негова блиска пријателка.
По таквиот трагичен настан, Богоевски направил сериозни рестриктивни мерки во групата, а учесниците мора да го почитуваат правилата.
„Поради смрт на моја блиска пријателка сакав да ги затворам турите. Тогаш и ја избришав групата и се уште ќе правам рестрикции. Мора да се водиме на безбедноста. Секој кој сака да вози со нас, мора да ги почитува правилата. Затоа што ако се изгуби човечки живот, тогаш е веќе доцна. Затоа правиме и состаноци и ги критикуваме тие што биле неодговорни на турите. Постојат знаци кои многу велосипедисти не ги знаат. Мора и на турите да ја подобриме културата. Затоа што не смееме да дозволиме да се руши угледот. Препознатливи сме и треба да сме пример за другите“, додаде тој.
Бидејќи како организатор, Богоевски има право да исклучи од тура некој учесник, за кого не смета дека е подготвен за турата. Имало случај, каде Богоевски бил нападнал вербално од родител.
„Сето се случи на Скопска Црна Гора. При спуштањето во еден тежок приспатен терен, момчето падна и се повреди. Тоа го поминавме и следеше тура на Ѓуришки манастир, предел кој е еден од најтешките за возење. Момчето прочитало само за турата, а не се информирало за тоа каде се наоѓа. Си зедов право да го вратам од турата, затоа што сметав дека не е подготвен за таков предизвик, но и да избегнеме повреди. После тоа, неговата мајка вербално ме нападна на социјалните мрежи, објаснувајќи ми дека бил пливач, бил на Валандово со велосипед, го искачувал Средно Водно. Тоа не ми е мене мерило. Правилата мора да се почитуваат и мора да имам до знаење дека малолетниците им кажале на родителите дека ќе возат со нас. Јас сум во постојан контакт со родителите на децата, затоа што се на моја одговорност“.
Кога го запрашавме за тоа која тура му е најомилена, Богоевски без размислување порача – Езеро Глажња. Место кое изобилува со прекрасна природа и кристално сина вода на езерото. Природата, која се уште не е допрена од човечка рака, предизвикува воздишки кај посетителите.
Сообраќајна култура низ градот се чини дека не е на ниво како во другите метрополи во Европа. Богоевски вината ја префрла на повеќе страни.
„Вината е поделена и кај пешаците и кај возачите и кај велосипедистите. Направени се неколку велосипедски патеки, па пак велосипедисти возат и на улица и пешаци одат на велосипедска патека. Нема култура и разбирање. Во автомобил возачите се заштитени, а велосипедистите не се. Тоа е исто како да одиш на тенк. Но, постојат луѓе кои возат безобразно и на улиците. Си го загрозуваат својот живот и животот на други. Не треба да се „лета“ на велосипедска патека. Има некој гнев меѓу нас и автомобиливе, затоа што се зголеми бројот на велосипедисти. Општините немаат желба да работат со тоа. Се организираат неколку настани, градоначалниците ќе излезат да возат велосипед и толку. Дајте субвенции за велосипедите, паркинзи, да се спречи кражбата на велосипедите.“
Богоевски ни раскажа дека во иднина планира да ги „нападне“ институциите со одредени проекти изработени од неговата група. Најави соработка со наставници по физичко образование, за како што истакна, да се тргнат децата од мобилните телефони и компјутерите. Покрај тоа, најмладата популација да се научи на спортски активности.
Претседателот на „Macedonian Bike Riders“ најави дека ќе се вадат и членски карти, а од на пролет ќе се организираат тури и во сабота. Како што раскажа Богоевски, тие тури ќе бидат за оние велосипедисти кои не се толку подготвени, а ќе се вози на блиски релации низ околината на Скопје.
Потешките тури во недела остануваат, а во четврток ќе се продолжи дружењето со „I love hiking“ за „Почни со Водно“. Овојпат, Богоевски најави дружења без алкохол и ди-џеи, туку едукација на учесниците и членовите, зумба, разговори.
Јорданчо Цветаноски