Со милион евра ќе се средува езерото Младост: Велес добива голема туристичка атракција!

by fokus
Велешкото езеро Младост ќе добие нов лик и ќе стане привлечна дестинација за туристите. Прекрасната природа околу езерото, дебелите сенки и густата шума изминативе години привлекуваа многу посетители, но крајбрежјето во тек на летниот период е во ужасна состојба и очигледно беше дека му недостасува уредување и темелно чистење од отпадот.
Општина Велес ќе реализира проект вреден околу 1.080.000 евра или 66.324.937 денари, информира градоначалникот Аце Коцевски, со кој езерото ќе стане туристичка атракција која ќе ја зајакне локалната економија. Тој соопшти дека 59.927.621 денари или 974.433 евра ќе ги обезбеди Европската Унија од ИПА програмата, а со нив ќе управува Проектот на Светска Банка. 10% -6.397.315 денари, односно 104.000 евра се учество на Општина Велес преку Програмата за активностите на општината во областа на локален економски развој за 2019 година.
-Проектот „Смарт езеро Младост“ кој е усогласен со нашата стратегија за развој на паметна општина е интегрирана целина од вкупно 27 активности од кои 8 се инфраструктурни зафати, 9 се набавка на опрема, 3 активности за сигналитика, 2 активности за обука и 5 активности за туристичка промоција. Со проектот велешани и регионот ќе добијат нова пешачка патека покрај езерото долга 750 метри, еко камп со 7 унифицирани куќички од дрво во форма на вински буриња како симбол на македонскиот вински пат и парк за авантури за деца во рамките на кампот. Воедно, проектот ќе вклучи изградба на пристапен пат до винаријата „Шато Сопот“ и уредување и маркирање на велосипедски патеки во должина од 17, 5 километри. Со проектот ќе се уреди паметен паркинг за 23 возила, ќе се постават 43 паметни сијалици, а крајбрежниот појас на езерото под патеката ќе биде пејсажно и хортикултурно уреден. Проектот ќе овозможи набавка на 20 паметни велосипеди, 5 паметни контејнери, 5 паметни клупи на соларна енергија, 30 контејнери, платформа за набљудување на птици и киоск за продажба на сувенири. Велес ќе добие и туристичко биро во зградата на поранешните општествено политички организации. Проектот опфаќа и активности за сигналитика со поставување на билборд крај автопатот Е 75, и информативни табли долж езерото, како и промоција преку промотивни видео спотови, брошури, систем на sms пораки и веб страница. Од паднатите дрвја крај езерото ќе бидат изработени клупи – појаснува Коцевски.
Според него, ова е најголемиот грант што досега го добила Општина Велес. Тој упати благодарност до Европската Унија, Светска Банка, Центарот за развој на Вардардскиот плански регион, винариите „Шато Сопот“ и „Тристо“, Хотелот Романтик, ресторан „Бела Вода“,хотел Ресторан „Панини“ и новиот хотел „Глориус“ што го прифатиле учеството и во целост го поддржале проектот, како и до тимот на општината што работел на апликацијата. Тој додава дека проектот ќе отвори нови работни места и ќе може да се искористи потенцијалот на езерото крај кое годишно минувале над два милиони туристи.
Летово ,,Фокус” направи репортажа за вештачкото езеро Младост. Генералниот впечток беше дека амбиентот е доста пријатен поради убавата природа, но на местото му фали генералка. И покрај тоа што на повеќе локации се поставени дрвени клупи и маси за посетителите, недостигаат корпи за отпадоци, санитарии и чистење на крајбрежниот појас од трска и ѓубре, со цел посетителите да можат да влезат во водата. Имено, само на неколку места на езерото може да се влезе во водата, и тоа во должина од околу 30, до 40 метри, бидејќи останатиот дел е непристапен поради несредените грмушки и трски. Поради големата навала на народ, локациите кои што се предвидени да се користат како плажи се преполни го отпадоци, и на една од чистинките каде има капачи, за неколку стотици посетители можевме да забележиме само една корпа за отпадоци.
Некои од совесните посетители поставиле картонски кутии за фрлање на отпад, но генералната слика е дека сепак, недостига урбано средување на областа. Соблекувални за капачите или пак тоалети, нема, па луѓето се принудени да се снаоѓаат како умеат. Дел од посетителите од Велес, кои често доаѓале на езерото се согласуваат дека се работи за прекрасна природа, која не смее да се запостави и уништи и како треба да се инвестира во крајбрежјето. Тие тогаш апеллираа до надлежните служби дека со работа и труд, езерото може да стане вистинска атракција.
Вики Клинчарова

Поврзани новости