Порано имавме црвена буржоазија денеска имаме неофеудалци!

by Фокус 09:24
09:24

Текстот е објавен на 29-ти јуни 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 887

Разговарал
Влатко ГАЛЕВСКИ

- Advertising -

Жилник никогаш не знаел со своите филмови да ѝ се додвори на публиката, но најчесто знаел како да ја исплеска политичката корумпирана врхушка. Тој е еден од најнепристрасните и најистрајните набљудувачи и толкувачи на социјалните и политички збиднувања. Тој ѝ припаѓа на големата четворка филмски автори од таканаречениот југословенски „Црн бран“, заедно со Душан Макавеев, Живојин Павловиќ и Александар Петровиќ.

Жилник е режисер кој никогаш не морализира. Правник e, кому правото му користи кога пред суд треба да ги брани своите естетски ставови, неуморен борец за слобода на мислењето и на творењето. Неговата богата филмографија најречито зборува, дека вистинските уметници никогаш не застаруваат и дека работите не мора да се разубавуваат за да им се дигне цената. Такви се филмовите на Желимир Жилник.

ФОКУСРаните трудови ги снимавте пред 44 години. Дали нешто се променило во вашите ставови? Денес ја нема црвената буржоазија. Вие сѐ уште фрлате иронични стрели кон некого. Која структура е на отстрел денес?

ЖИЛНИК Црвената буржоазија е термин кој означуваше еден паразитски слој, кој почна да се создава во социјализмот и кој во однос на народот се однесуваше супрематски и кој користеше реторика на ветувања дека се бори за општите интереси, за власта на работничката класа, за ослободување на креативните енергии на младите генерации, демек давање нови шанси на младите.

Но, практично, од година в година, тој слој почна да се одвојува како привилегиран слој, кој покрај таквата фразеологија, најголемиот дел од својата енергија ја трошеше на менаџирање на сопствената кариера, создавање на семејни комфорни услови за живот, на промоција на своите деца. Од таквата црвена буржоазија произлегоа синови и наследници, кои во добар дел од социјалистичките земји и семејно се промовираа во идни властодршци.

Во поранешна Југославија, тие луѓе добиваа раководни места во најсилните државни компании, директори на електродистрибуции, на аеродроми, на топлификации… Наместо отворање еднакви шанси за младите, тоа беше безобразна фразеологија на политичките раководители, на младинските функционери.

ФОКУС Зарем сега е поинаку?

ЖИЛНИК Мошне слична шема се применува и во последниве 20 години во посткомунизмот. Сега веќе немате причина да зборувате за црвена буржоазија, туку за нов паразитски слој, кој на интересен идеолошки начин, а врз основа на сопственоста, ја враќа историјата два чекори наназад, кон еден неофеудален систем на вредности.

Во Војводина, на пример, по Втората светска војна, на некои земјопоседници им е судено за пљачкање на народниот имот зашто обработувале 15-20 илјади хектари земјиште. Денес во Војводина имаме земјопоседници од слоевите на новата номенклатура кои имаат преку 50 илјади хектари земја во приватна сопственост.

И добро се знае дека сето тоа е купено со фиктивни пари, а ставени се хипотеки и пред тие земјишта да бидат регистрирани на име на купувачите. Ова се дел од околностите поради кои голем број од младите луѓе се во безнадежна ситуација, психолошки мошне слична на воените времиња.

БАЛКАНОТ СЕКОГАШ E ВО НЕБРАНО

ФОКУС За овие собитија зборувате и во вашиот филм Старата школа на капитализмот. На каков прием филмот наиде по прикажувањето во градовите од поранешна Југославија?

ЖИЛНИК Па, тоа е универзален модел за овие простори и лесно може да се детектира и во Хрватска и во Словенија и во Македонија. Луѓето, по гледањето на филмот, дури се сомневаа дека сум ја  „украл“ приказната во филмот од Хрватска, или од Словенија. Пред извесно време, по премиерата на филмот во Романија, реакциите беа исти – па вие како да сте следеле што се случува кај нас,– велеа. Ги прашав, кои се вашите богаташи? Ми одговорија, од дваесетте романски милијардери, петнаесет се високи политички функционери, сите бивши членови на Секуритате, поранешната служба за безбедност.

ФОКУС Како гледате на Балканот како на геополитичка одредница, со оглед дека од западните демократии сме прилично мизерно и потценувачки третирани?

ЖИЛНИК Патувам многу и често зборуваме на овие балкански теми. Постојано повторувам дека ние живееме во илузија дека противречностите и тензиите кои овде се случувааат,  се исклучително специфични и единствени во Европа. Прашањето е што, всушност, се случи и со капитализмот и со постсоцијализмот, по оние големи ветувања, за да дојде до страотен колапс?

Добро се сеќаваме на „ветувањата“ на Западот дека ќе се отворат подеднакви шанси за сите,  дека слободата и стопанството ќе цветаат. Тоа едноставно не се случи. Во разни краеви на Европа почна да се јавува загриженост за случувањата во регионов, или во Полска, Украина, Романија…

Тие уште повеќе ќе се претставуваат дека се центар на судирот помеѓу две цивилизации, Истокот и Западот. И онака како што ние не можеме да го разбереме секој детал од нивната историја, за нивните преселби и тензии, така и тие не можат да ги разберат оние наши религиски и етнички специфики.

На универзитетите во Централна Европа не постојат сегменти од историјата кои се однесуваат на Балканот. Нив ги интересира онаа историја во која нивните земји учествувале. Ако во било кој настан немало Французи или Австријци, тој практично и не постоел.

ФОКУС Да се надоврзам, во вашите филмови сте прилично скептик кон прашањето на европските интеграции. Очигледно е дека обединувањето на Европа е во критична фаза?

ЖИЛНИК Тој проект е направен од нужда. Што сега да правиме со тоа? По падот на државниот социјализам, во Европа дојде до невнимателен триумфализам на западните елити, кои сметаа дека им се отворија нови територии со нови ресурси, од кои ќе влечат профит, во стилот на проверените колонијални методи.

Се сеќавам дека по распадот на Советскиот сојуз, во Москва за јадење можевте да добиете парче леб и некаква салама, но постоеја новоотворени авто-салони во кои имаше и најнови модели на Ролс Ројс и Порше! Нив можевте да ги купите и за кеш, што на запад, да кажеме не беше возможно.

Тоа се првите апетити на Западот за профит од новите територии, со проток на стоки од Запад кон Исток. Но, очигледно заборавија дека со протокот на стоки доаѓа и протокот на технологијата. И за релативно краток период, во голем број земји на Исток дојде до технолошка рамноравност, па и супериорност (Русија, Индија, Кина).

Трговската размена тргна во обратна насока. Европа беше принудена да се брани од оваа источна експанзија, а единствен начин виде во интеграција на економиите. Така, Балканот е пак во небрано и тоа од две страни, од домашните назаситни по пари и моќ елити и од профитерски настроената Европа, која притиска со високите давачки.

Значи, европските прашања за интеграција се сѐ уште далеку од решение, дури сега тие се отвораат, и навистина немам идеја во која насока работите ќе се одвиваат.

МАГИЈАТА НА „РАНИ ТРУДОВИ“

ФОКУС Со 26 години и со својот дебитантски филм Рани трудови“, ја добивте Златната мечка на фестивалот во Берлин во 1969 година. Кои моменти беа пресудни да се роди еден таков производ, тематски актуелен, провокативен и филм со необична естетика?

ЖИЛНИК Ние веќе имавме еден профилиран нов југословенски филм, со неколкумина значајни автори, Макавеев, Петровиќ, Павловиќ, Пуриша Ѓорѓевиќ, Бата Ченгиќ, Крсто Папиќ, Лордан Зафрановиќ, Карпо Аќимовиќ Година,=. кои веќе беа поинакви од мејнстрим продукцијата и кои беа добро прифатени и кај критиката и кај публиката.

Кога јас ја собирав екипата за „Рани трудови“, некои естетски појдовни точки беа не само да се разликуваме од главната линија или од партизанскиот филм, туку, малку да ги изненадиме и нашите постари колеги, Макавеев и Павловиќ, па дури и да ги шокираме. Да земеме приказна која ќе оди подалеку и од моделите на Буњуел, Фелини или Висконти. Мене лично најмногу ме фасцинираше Пазолини, како и новиот бразилски филм. Секако врз мене имаше влијание и советскиот филм од 20-тите, Пудовкин, Медведкин...

И решивме да одиме на комбинација на спомнатите автори, зашто јас го немав баластот на дотогашните филмски корифеи кои со скепса гледаа на нашите први обиди. Временски се најдовме во моментот кога некои значајни прашања во државата се решаваа, а ние бевме дел од нив.

ФОКУС Како студентските демонстрации, на пример?

ЖИЛНИК Впрочем, студентските демонстрации беа прашања за кои и светската јавност постојано зборуваше, исто како и за виетнамската војна или сегрегацијата на Црнците во Америка. Е, сега, кога сте толку млад, одите на фестивал, никој не ве познава, некое жири одлучува за победниците…

Да, наградата ми значеше во смисла на можност да обезбедам некаков континуитет на работење. Успехот од една страна годеше, но истовремено почнаа да се јавуваат и противници на филмот, особено од редовите на етаблираната филмска бранша, а како последица на тоа и од органите на власта и од политичари, кои наводно требаа да го заштитат народот од неморалот.

Потоа имаше притисоци и од Советскиот сојуз, особено поради нашите реакции на окупацијата на Чехословачка. Ние во „Рани трудови“ само симболички реагиравме на тие настани, но таа симболика беше лесно препознатлива и им ги бодеше очите на оние кои сметаа дека ваквите теми се табу, за кои уметниците не треба да зборуваат.

ОЧАЈОТ Е СЕКАДЕ ОКОЛУ НАС

ФОКУС Вашиот последен филм, документарецот со наслов Една жена – еден век, практично, е еден долг монолог на Драгица Срзентиќ, која е на возраст од 100 години, која многу преживеала, од партизанско војување до затвор, но, тежиштето на приказната како да е свртено кон фактот што Драгица е жената која на Сталин му го врачила писмото од Тито  за раздружувањето со Советскиот сојуз. Што ве мотивираше да го снимите овој филм?

ЖИЛНИК Па, оној ист мотив кој секој документарист го има вградено во себе. Единствен и необичен настан, единствен лик, па се прашуваш –ако ова не се забележи на филм, а луѓето умираат, во историјата ќе остане некаква празнина, зашто оваа жена е историја.

Тоа што најмногу ме привлече, всушност, е што оваа жена, спротивно од типичната балканска амнезија и недостаток на памтење, е уникатен карактер, со неверојатна, речиси филмска меморија за настаните низ кои поминала. Човек едноставно не може да одолее на таков предизвик.  Особено кога ќе се присетам на нашите колеги Патар Волк, Милутин Чолиќ или Вељко Булајиќ, чијашто меморија се бришеше со доаѓањето на секоја нова власт, па беа принудени своите некогашни ставови и пишувања да ги менуваат и да ги фалсификуваат.

ФОКУС Не контактирате со Вељко?

ЖИЛНИК Булајиќ, со кого на времето комунициравме само преку суд, поради тоа што ми лепеше  етикети на антисоцијалистички и субверзивен елемент, а јас отворено зборував за грабежот што тој го направи со снимањето на „Големиот транспорт“, одненадеж, неодамна во Загреб манифестираше неверојатно воодушевување и љубезност кога ме виде, што пак го толкувам како некакво изнудено губење на памтењето. Дури пред младите новинари изјавуваше како ние двајцата сме најдобри пријатели и како моите филмови му се најомилени?!?

ФОКУС Во една прилика рековте дека хуморот е начин да се избегне очајот…

ЖИЛНИК Често моите филмови зборуваат на непријатни теми. Во документарниот филм најчесто работам со непрофесионални актери, па се обидувам преку доза на хумор да ја намалам дозата на очајот за која зборуваат филмските теми. Очајот е секаде околу нас. Хуморот и очајот се типични за ова поднебје, од тие два елемента ниту обичниот човек ниту уметникот не може да избега!

Поврзани новости