М-р Ненад Несторовски
Драги пријатели,
Ви благодарам на охрабрувачките пораки и загриженоста што ја спделивте со мене утрово. Ќе ви се обратам на сите одеднаш за да споделам мое мислење за што Brexit значи за нас, вас, Британската економија и светот пошироко, наместо да ви одговарам на сите посебно.
Работејќи на подиумот за тргување во една од најголемите светски банки, можам да кажам дека ефектот на финансиските пазари е морбиден. Ние работевме цела вечер во услови на волатилитет како што не сме виделе никогаш досега. Фунтата на моменти изгуби 10%, сега е некаде околу 7% послаба во однос на доларот. Берзите низ целиот свет се паднати од 5-10%. Расположението кај луѓето тука е како да се случила голема трагедија. За нас, што работиме на финансиските пазари во Велика Британија, ова значи ризик за нашите работни места, а за Велика Британија, чија што економија зависи од финансиската индустрија, ова ќе се преведе најверојатно во опасна рецесија.
Премиерот на ВБ утрово поднесе оставка (како што тоа се случува во цивилизираните земји, или подобро да кажам со цивилизираните премиери) затоа што 51.9% наспроти 48.1% од народот не се согласи со неговото мислење дека ВБ треба да остане во ЕУ.
Премиерот на Шкотска и заменик премиерот на Северна Ирска, веќе дадоа изјави во контекст на барање независност од Велика Британија преку референдум (народот во Шкотска и Северна Ирска гласаше убедливо за останување во ЕУ). Ова сценарио е сосема можно, особено затоа што Шкотска секогаш флертуваше со идејата за незавиност, а Шкотите сакаат да бидат дел од ЕУ. Сето ова прави да мислам за Југословенско сценарио за ВБ, иако не сакам да бидам драматичен прерано.
Најголемата порака што овој референдум ја праќа е дека, светот навлегува во лоша фаза на затвореност, протекционизам и симпатии кон популистички политички опции. После ова политичко и економско самоубиство на ВБ, се плашам што ќе се случи на претседателските избори во Америка (Доналд Трамп е овде и го слави Brexit-от).
Ова значи дека западот стана тло на гочема поделеност и економска нееднаквост, помеѓу богати и сиромашни. Во Британија сите млади сакаа Британија да остане во ЕУ, Лондон убедливо гласаше за ВБ да остане во ЕУ, но сите сиромашни регии гласаа за напуштање на ЕУ.
Ова исто така претставува голема шлаканица за сите нас кои што веруваме во отворен и слободен свет. Што се чувствуваме Европјани и што веруваме во сонот за Обединета Европа. Јас мислам дека светската историја секогаш е научена да прави два чекори напред па еден назад, и останува на нас младите, слободоумните, информираните за таа посветла иднина да се избориме.
Британските пензионери само што ги казнија своите поколенија да живеат во една посиромашна, затворена, ослабена Велика Британија (или Англија, ако тоа остане од неа). Да не дозволиме исто така да бидат казнети нашите поколенија во Р.Македонија. Од оваа лекција сите треба да научиме и да го зграпчиме моментот и борбата што ни се нуди. Јас верувам дека доброто секогаш победува. Јас верувам во слободна Македонија. Јас верувам во Шарената Револуција!
*Авторот е финансиски аналитичар за Централна и Источна Европа во ХСБЦ во Лондон