Лузери

by Fokus

Oва е прва победа на СДСМ на парламентарни избори по цели 18 години. Но, 46-те освоени мандати не оставаат премногу простор за прослава бидејќи се премалку да ја истуркаат ДУИ во опозиција, што беше една од главните кампањски теми

 Јанаки МИТРОВСКИ

  „I regard it as completely unimportant who in the party will vote and how, but it is extremely important who will count the votes and how.” –  Сталин

Ова е најблиску до точниот легендарен (наводен) цитат на Сталин во врска со избори, кој, за разлика од популарното мнение, се однесувал на избори во самата партија, а не во Советскиот Сојуз.

Никој со сигурност не може да го тврди точниот цитат, ниту дали воопшто некогаш бил кажан од грузискиот моќник. Но, поентата е таа, како што впрочем видовме и од нашите последни парламентарни избори одржани на 15 јули.

Резултатите се повеќе или помалку очекувани и такви какви што ги прогнозирав во минатите колумни – тесна победа на СДСМ. Но, да бидам искрен, победата е помала од онаа што очекував. Моите прогнози се движеа помеѓу три до пет пратеници во корист на коалицијата „Можеме“.

Евидентно е дека, и покрај вклучување за првпат на партија на етничките Албанци – Беса во предизборна коалиција, сепак гласовите од средините со доминантно албанско население овојпат не завршија на контото на СДСМ, или барем не во посакуваниот број.

СТУПИДНИ СПОТОВИ НА ДПМНЕ

И покрај тоа, ова е прва победа на СДСМ на парламентарни избори по цели осумнаесет години. Но, четириесет и шесте освоени мандати не оставаат премногу простор за прослава бидејќи се премалку да ја истуркаат ДУИ во опозиција, што беше една од главните кампањски теми и цели.

Причините за само дванаесет илјади гласови предност, социјалдемократите мора да ги бараат кај себе, а не да бркаат вештерки, што го чинат нивните ударни перјаници деновиве.

Од нив, пред сѐ и над сѐ, се очекуваше ПРАВДА, која, не само што не дојде, туку и кримосите од минатиот режим екстремно лесно се заортачија со сегашната власт под превезот „за поголемо добро“.

ДПМНЕ од друга страна, и покрај поразот, треба да биде пресреќно со освоените 44 мандати. Побледа, постерилна кампања оваа партија немала од памтивек. Партијата што стана препознатлива по силните кампањи, преродбите во сто чекори, проширувани, па надградени, програми и слично.

Премногу пасивна, играјќи единствено на картата на грешките на владејачките партии, овој резултат е дури и многу. Победа на избори не доаѓа со тоа што арогантно и самоуверено ќе верувате дека сте од Бога дадени да го избркате Муртинецот, туку со многу теренска работа, на каква што, рака на срце, навикнавме од белата палата.

Зар ќе ме убедеа да гласам за ДПМНЕ оние ступидни спотови?

ДВОЕЦОТ СЕЛА – ТАРАВАРИ

Мало лично разочарување ми е што Алијанса на Албанците не успеа да им го земе приматот на ДУИ. Неколкупати сум напоменал дека за македонски услови, оваа партија има одличен ударен двоец.

Едниот, Зијадин Села, класичен балкански шовинист и националист, задолжен да ги привлече великоалбанските гласови „угнетени од славомакедонците“, а другиот, Арбен Таравари, секогаш одмерен во изјавите задолжен за мобилизирање на прогресивното и урбано гласачко тело.

Но, речиси две децении власт на ДУИ си го сторува своето во едно клиентелистичко општество, во кое има цело министерство со над 1.500 вработени кои не одат на работа, и тие луѓе секако дека се чувствуваат должни на партијата.

ДУИ победи како што и се очекуваше, додуша со поголем број пратеници. Моите прогнози беа 12-13, но ниската излезност кај македонскиот етникум придонесе оваа партија да биде „наградена“ и да си го продолжи векот на траење.

И пред изборите пишував дека кампањата прв премиер Албанец им е вин-вин. Почекајте наредниве денови да видите како атрактивно министерство како МВР ќе биде одличен супститут за ова предизборно ветување. Членовите нема многу да се разочараат, од идентични клиентелистички причини.

Многумина сметаат дека Левица е најголемото изненадување на овие избори. Јас воопшто не се изненадив, напротив, ќе се изненадев ако не влезеа во парламент.

Го кажуваа она што напатениот македонски народ сака да го чуе – поништување на Преспанскиот, Рамковниот, укинување на извршители и останати теми, кои ВМРО мораше, а немаше храброст да ги вети и многу јасно дека го пополнија вакуум-просторот по ни риба ни девојка политиката на ДПМНЕ, особено за името и референдумот.

ХОМОФОБОТ РИСТОВСКИ

Факт е дека партијата флертува со десноориентирани гласови, колку и тоа Димитар да го филува со АСНОМ-ски принципи, иако самата програма изобилува и со социјални елементи, токму таа реторика ги внесе во парламентот.

Лично сметам дека нема да се залетаат со партиципирање во владата бидејќи тоа ќе биде политичко самоубиство, а, секако, и владата ќе биде со краток век. Покрај сѐ, мило ми е што оваа партија ја копи пејстираше програмата на БИЛКА за канабис, иако тоа не го наведуваат 🙂

Останатите помали партии извисија, а единствената што доби позначителен корпус гласови беше Интегра на хомофобот Ристовски. Она што е евидентно е дека оваа партија на овие избори одлично одработи за СДСМ, и покрај коалицијата со Беса се двата клучни потези кои донесоа победа за МОЖЕМЕ.

И по изборите, за изборен грабеж ги обвинија ДПМНЕ, а не СДСМ или обете. Дали оваа партија ќе продолжи да функционира (сега и со пари од буџетот бидејќи освоија над еден процент), останува да видиме.

Излезноста на овие парламентарни избори беше мала, едвај над педесет проценти. Меѓу нив бев и јас, бидејќи не видов понуда што би ме мотивирала да излезам и да гласам.

Партијата за која гласав во 2016 драстично ја смени својата реторика, а и екс членовите се изедоа меѓу себе. Во моите очи, сите партиципанти, особено „поголемите“ се лузери бидејќи се борат исклучиво за својот интерес, со триесетгодишно искуство.

Најголеми лузери се ДИК, на кои им „падна сајтот“. Замислете да ви е единствена задача да организирате избори и да не можете да предвидите дека можеби на сајтот ќе има атак. Идентично како што скопска комунална хигиена се изненадува од снег во јануари!

 

Поврзани новости