459
Лустери од т.н. бела палата на ВМРО-ДПМНЕ биле донирани во цркви и манастири низ Македонија. Оваа вест во јавноста ја сподели пратеникот Јохан Тарчуловски, посочувајќи дека одлуката била донесена од лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Бидејќи партиското седиште веќе половина година е замрзнато, со одлука на Кривичниот суд, а по барање на СЈО, прашавме во обвинителството дали партијата смее да го изнесува мебелот и истиот да го подарува, продава или слично.
Од СЈО за „Фокус“ појаснуваат дека не е направен попис на мебелот во зградата, и дека само зградата е замрзната. Но сепак додаваат дека доколку се дојде до правосилна пресуда, а утврдената штета нема да може да се наплати само од зградата, тогаш постои можноста да се направи поврат на она што е изнесено.
Белата палата беше замрзната во ноември.
-Му се забранува на правното лице ВМРО – ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА ЗА МАКЕДОНСКО НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО да го отуѓува, става под хипотека и располага со давање под закуп недвижниот имот“, стои во прибелешката на имотниот лист во Катастарот.
Според овој документ, привремената мерка ќе трае до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд, мислејќи на истрагата „Талир“ што ја води Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Оваа судска привремена мерка следуваше откако претседатeлот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека партијата размислува да го продаде седиштето во центарот на Скопје или да го даде под закуп.
В.В.