Лукаревска: Во март 54.662 работника не земале плата

by fokus

Во март не им била исплатена плата на 54.662 работника, а во февруари на 9.947 работници, објави денеска директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

На прес-конференцијата во Владата, Лукаревска посочи дека во март плата не исплатиле 14.998 работодавачи, а во февруари 3.774 работодавачи.

Тоа се двата месеца во кои работодавачите и работниците чекаа во Собранието да бидат донесени законите со кои требаше да почне имплементацијата на мерките од петтиот анткризен пакет.

– Имајќи во предвид дека се очекува реализација на оваа мерка за финансиска поддршка од петтиот сет антикризни мерки, се уште немаме започнато како даночен орган да спроведуваме присилна наплата по неплатените МПИ за месец февруари 2021 и немаме спроведено опоменување за неплатените МПИ за месец март 2021, рече Лукаревска.

Според податоците на УЈП, што ги презентираше Лукаревска, досега 124 работодавачи ја злоупотребиле финансиската поддршка за исплата на плати, односно парите за плати не стигнале до вкупно 371 вработено лице.

Во април, 43 работодавачи не исплатиле плата на 95 вработени, во мај 27 работодавачи не исплатиле плата на 51 вработен, а во јуни 44 работодавачи не исплатиле плата за 121 вработен. Во октомври, 21 работник не добиле плата од четворица работодавачи, во ноември 11 работодавачи не исплатиле плата за 30 вработени и во декември 23 работодави не исплатиле плата на 53 свои вработени.

– Оваа бројка во период во период се намалува покрај сите дејствија од наша страна како даночен орган за присилна наплата, блокирање на нивните сметки…., рече Лукаревска.

Најави дека во соработка со Државниот инспекторат за труд продолжуваат контролите кај оние работодавачи кои ја злоупотребиле оваа помош.

Поврзани новости