Старо-новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев на партискиот Конгрес ќе ја предложи Сања Лукаревска, директорката на УЈП за нов заменик-претседател на партијата, дознава „Фокус“ од високи партиски извори.
Пред денешиот Конгрес Лукаревска одби да одговори директно на прашањето дали таа ќе ја заземе оваа партиска позиција. Досега, осум години на оваа функција беше Радмила Шекеринска.
За назначувањето на Лукаревска за заменик-претседател на СДСМ „Фокус“ веќе пишуваше во последниот број на неделникот.
Откако партискиот лидер Зоран Заев ја напушти намерата да ја укине оваа партиска функција, упатените посочуваат дека одлучил да предложи жена од Скопје, при што, покрај Лукаревска, тој размислувал и за универзитетските професорки Беса Арифи и Гордана Лажетиќ-Бужаровска.
–Мојот ангажман во СДСМ никогаш не сум го врзувала со конкретна партиска должност, туку со идеолошка припадност, принципи, вредности и програмски определби – изјави тогаш Лукаревска, додавајќи дека по првите непосредни внатрепартиски избори Заев има целосен легитимитет да избере и предложи кој каква партиска должност ќе врши во следниот мандатен период.