Прогресивното оданочување ќе биде воведено, но тоа не треба да биде избрзано решение. Кога ги направивме првите анализи увидовме дека ефектот од таквиот модел, со две прогресии кој требаше да биде воведен, не би бил позитивен, рече вечерва директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
-Кога ја направивме анализата за структурата на данокот на личен доход увидовме дека имаме најголем раст кај страната на платите и на приходите што ги имаат граѓаните од игрите на среќа. Дали ефектот од прогресивното оданочување тогаш би бил позитивен, сметам дека не. Затоа во иднина треба да направиме соодветна дистинкција и да го одбереме најдоброто, но да не биде избрзано, рече Лукаревска во вечерашната емисија Топ Тема на Телма и додаде дека тоа е причината што веднаш не се воведува прогресивното оданочување.
Порача дека во иднина ќе следат многу дебати на таа тема со цел да бидат сослушани сите страни.
-Праведност, ефектност и транспарентност во наплатата е суштината на еден праведен даночен систем. Можеби се згреши во делот на прогресијата што не се отвори соодветна долготрајна дебата за да се види кое е најсоодветното решение. Сепак, праведноста е заштитен знак на прогресивното оданочување, посочи Лукаревска.
Нагласи дека од крајот на август стартуваше само предлог даночна реформа и додаде дека неколку пати напоменале дека можеби ништо од тоа нема да влезе во имплементација.
-Ги слушнавме сите релевантни фактори и нивните сугестии. Сметам дека во време на криза е право време да се направат даночни реформи. Даночни реформи ќе има, но треба да се направат многу јавни дебати. Ги слушаме и ќе ги слушаме пораките од сите, бидејќи не треба да се носат проблематични решенија, рече Лукаревска.
Посочи дека Управата за јавни приходи не е носач на решенија, туку е само имплементатор и додаде дека во услови на криза не може да се предвидуваат економските текови, бидејќи се се менува од ден на ден