Луѓето се жалат дека нема клима во автобусите, ЈСП: Возачите ја исклучуваат, на повозрасните им било преладно!

Не секогаш на сите патници може да им се угоди, додаваат од ЈСП

by Fokus

Неодамна во Скопје почна топлото време со неподносливи температури, па така голем дел од граѓаните, со цел да го избегнат сонцето, се почесто овој период ги користат услугите на јавниот превоз за да стигнат до своето работно место или да завршат други обврски низ градот.

Сепак, тие се жалат дека во дел од автобусите нема клима, што според нив е незамисливо при температури кои достигнуваат и до 40 степени надвор.

А за тоа дали има рестрикции во ЈСП и од овој аспект, оттаму со објаснување дека возачите на автобусите некогаш се приморани да ги исклучуваат климите поради реакции на повозрасните патници.

„Одговорно тврдиме дека согласно денешната евиденција, во 85 отсто од возилата на ЈСП Скопје кои се пуштаат во сообраќај, клима уредите се исправни и се во функција. Се случува во некои возила климите да се исклучени со оглед на тоа дека има реакции на дел од граѓаните дека им е преладно, па возачот е приморан да ги исклучи како не би се нашол во незавидна положба со оглед на заканите.

 

Чести се поплаките од повозрасни патници дека им било преладно. Впрочем, не секогаш на сите патници може да им се угоди. За жал, чести се и ситуациите клима уредите да се вклучени, а прозорите отворени, па од тие причини разладувањето да нема ефект“, ни одговорија од ЈСП.

Како што додадоа оттаму, тие немаат ингеренции за состојбата на возилата на приватните превозници и за тоа дали имаат клима и дали воопшто ја пуштаат.

Цената на горивата од ден во ден варира, па од ЈСП потенцираат дека нема да се случи некакво поскапување на дневниот билет за превоз.

„Цената на билетите останува иста, ниту се размислува за нивно покачување, ниту пак се прават рестрикции на возниот ред и слично. Благодарение на нашето домаќинско работење, како и безрезервната поддршка на Град Скопје, успеваме да го одржуваме претпријатието во кондиција, односно успеваме да го одржуваме јавниот превоз како и во вообичаени услови, независно од фактичката состојба“, додадоа од ЈСП.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости