Текстот е објавен на 17 септември 2026 година во неделникот Фокус со број 1.615.
Според неофицијални информации, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН постигнале договор да нема предвремени парламентарни избори. Имено, за време на преговорите за владината реконструкција, прво барање на ВЛЕН, уште пред да почнат разговорите за кадровски прашања, било да нема вонредни избори, а ВМРО-ДПМНЕ наводно се согласила на тоа. Па, оттука, ако ВМРО-ДПМНЕ одигра на картата за предвремени парламентарни избори во следната 2027 година, без оглед дали тоа би го направила од политички причини (да го искористи моменталниот висок рејтинг визави конкурентите) или од технички причини (да има уште едни вонредни парламентарни избори и во пакет со претседателските во 2029 година), тоа дефинитивно ќе значи дека водечката партија во власта го прекршила договорот со сегашниот албански партнер. Но, дали тоа истовремено ќе подразбира дека се влегува во сценарио на постизборна промена на политичките сили и владината структура, односно дали тоа ќе значи дека во игра е камбек на ДУИ во власта?
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Ако изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, пред неколку месеци дека наскоро ќе има парламентарни избори беше протолкувана како најава за вонредни избори најдоцна во следната 2027 година, иако веднаш потоа самиот малку ретерираше, истакнувајќи дека тој лично посакува да има редовни избори во 2028 година, сепак, се чини дека како одминува времето се помали се шансите за предвремено изборно соочување.
Имено, Мицкоски веќе почнува да говори дека предвремени парламентарни избори ќе има само ако опозицијата ги побара, а слични пораки испраќаат и други високи владини и државни функционери, како Александар Николоски, Африм Гаши и др. Но, СДСМ има јасен став дека нема да биде алиби за вонредни избори. Впрочем, тоа е очекувана позиција на партијата на Венко Филипче, која има потреба од дополнително време за да закрепне по големите порази на парламентарните и на локалните избори, кои отворија и внатрешни процеси, чија цел е промена на актуелното раководство.
Меѓутоа, за вонредни парламентарни избори отворено се залага Левица на Димитар Апасиев, но и албанската опозициска ДУИ, која смета дека колку побргу има парламентарни избори, толку побргу ќе се врати на власт. Сепак, мора да се истакне дека на следните избори, без оглед дали ќе се случат во редовен или во вонреден термин, не може да се прогнозира сигурна победа на интегративците, од причина што на последните парламентарни избори направија минимална разлика со голема меѓуетничка коалиција, а на локалните избори ги загубија безмалку сите големи општини со доминантно албанско население.
Сепак, и покрај тоа што веќе обединетиот ВЛЕН постигна солиден резултат на последните изборни циклуси, успевајќи по цели 2 децении да го детронизира ДУИ од власт на централно ниво и воедно да му ги одземе клучните бастиони, општиот впечаток дека оваа партија на чело со Изет Меџити и Биљал Касами е против брзи парламентарни избори, независно што декларативно порачува дека е подготвена за избори во секое време. Исто така, и ЗНАМ на Максим Димитриевски не посакува брзи избори, бидејќи очигледно смета оти тие носат одредени ризици.
ФИНАЛНА ИЗБОРНА ПРЕСМЕТКА
Дека поголеми се шансите следните избори да бидат редовни отколку вонредни, потврдуваат неофицијалните сознанија на „Фокус“ дека ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН како водечки партии во Владата постигнале начелен договор да нема предвремени парламентарни избори. Како што велат високи владини извори, тој договор е постигнат за време на преговорите за владината реконструкција, кога прво барање на ВЛЕН, уште пред воопшто да почнат разговорите за кадровски прашања, било да нема вонредни избори. Според нашите соговорници, ВМРО-ДПМНЕ се согласила на тоа.
Она што овде се поставува како основно прашање е зошто ВЛЕН, која неодамна се трансформираше од коалиција во единствена политичка партија, смета дека повеќе ѝ одговараат редовни отколку вонредни парламентарни избори, ако се знае дека по успехот што го постигнаа на локалните избори, кога победија во Чаир, Сарај, Тетово, Струга, Дебар и во други општини, многу аналитичари ги споделуваа оценките дека сега е моментот ВЛЕН на брзи парламентарни избори да им го зададе конечниот удар на грогираните интегративци?
Прво и основно, ВЛЕН смета дека нема потреба од брзање, бидејќи времето работи за нив. Односно, од таму резонираат дека за нив добро е ДУИ што подолго да остане во опозиција, бидејќи така интегративците сè повеќе се раслојуваат, додека ВЛЕН автоматски зајакнува. Инаку, ВЛЕН одамна подобро котира од ДУИ во Скопје и во Тетово, меѓутоа на анкетите генерално се нерешено со ДУИ, или во мала предност, или заостанување (зависно од анкета до анкета), бидејќи ДУИ има поголема поддршка на други места, како Гостивар, Струга, Куманово итн.
Затоа, освен што ВЛЕН смета дека времето оди против ДУИ, бидејќи, меѓу другото, партискиот лидер Ахмети е во сè послаба физичка и политичка кондиција, а апетитите на неговите потенцијални наследници сè повеќе се зголемуваат, партијата на Меџити и Касами сака екстра време и со цел подобро да се етаблира во делови каде што стојат полошо. Во секој случај, следните избори ќе бидат финална пресметка меѓу двете албански политички структури по што ќе стане кристално јасно дали Ахмети дефинитивно ќе оди во пензија или, пак, тукушто воспоставеното партнерство Меџити-Касами ќе се распадне.
ПАРТНЕР ПО МЕРКА
Наспроти плановите на ВЛЕН, во Мала Речица не мислат лесно да се помират со преселбата во опозиција. Напротив, ДУИ инсистира веднаш да се одржат избори, сметајќи дека колку побргу тоа се случи, толку подобар изборен резултат ќе постигнат и така ќе се вратат на власт. Практично, ДУИ се обидува да се презентира како партија што не е жедна и гладна само за власт, туку која постизборно би влегла во власта согласно изборната волја на граѓаните. Патем, во такво претпоставувано сценарио, ДУИ би можела да го спречи одливот на членови, додека во меѓувреме се одвиваат процеси на конфронтација во рамки на ВЛЕН.
Сепак, главната непозната во оваа равенка е колку ДУИ може да биде сигурна во победа на следните избори, кога и да се одржат? Математички гледано, коалицијата на ДУИ освои повеќе гласови од ВЛЕН на парламентарните и на локалните избори. Меѓутоа, истовремено мора да се нагласи дека ДУИ настапуваше во голема коалиција со турски, ромски и бошњачки партии, како и дека ВЛЕН се уште не стигна да формира респектабилни бази во помали средини каде живејат помал број на Албанци, кои сепак имаат значаен импакт во вкупниот базен на гласови.
Згора на тоа, интегративците мора да анализираат уште еден важен елемент. Се работи за т.н. клиентелизам, односно феноменот голем број гласачи да се приспособуваат на реалноста, или со други зборови – да инклинираат кон оној што ја има власта, пред се поради придобивки или макар очекувања од лукративен карактер – вработување, унапредување, бизнис… Плус, кон тоа треба да се придодаде уште една присутна појава – многумина граѓани сакаат да се иденфитикуваат и да бидат со победникот, а победник е оној што ја има власта, не оној што освоил повеќе гласови на избори.
И покрај сето тоа, ДУИ смета дека повторно ќе освои најмногу гласови на следните парламентарни избори и потоа ќе влезе во власта, бидејќи, според нив, ВМРО-ДПМНЕ нема да може повторно да ја игнорира волјата на албанските гласачи. За таа цел, Ахмети, Бујар Османи и другите сопартијци интензивно пласираат наратив дека Владата го деградира Рамковниот договор и поништува стекнати права на Албанците, очекувајќи дека тоа ќе се преточи во изборна поддршка на нивно конто. Како и да е, последните избори покажаа реториката не е пресудна, како и дека никој не гарантира оти победничката партија нема повторно да одбере партнер по своја мерка.
КОЈ КОЛКУ ВРЕДИ НА ПАЗАРОТ?
Партиски извори од ДУИ велат дека на следните парламентарни избори нема да настапат во големи коалиции како на последните изборни циклуси, кога интегративците беа предводници на Европскиот фронт и на Националната алијанса за интеграција. Во партијата сметаат дека овие коалиции им донеле повеќе гласови, меѓутоа партијата не ја оствари главната цел тоа да ги одржи или врати на власт. Притоа, водечката албанска опозициска партија плати висока цена во смисла дека отстапи многу пратенички места на „помали“ партнери, кои потоа им свртеа грб и го напуштија бродот што тоне, како на пример Мендух Тачи и Бејџан Илјаз.
Поради тие причини, нашите соговорници велат дека во ДУИ сè погласно се бара партијата да настапи самостојно или евентуално со мала коалиција со етничка, а не со верска компонента. Тоа значи дека ако интегративците не одат сами на избори, по се изгледа би настапиле во коалиција со двете опозициски крила на Алијанса за Албанците предводени од поранешните соработнiци Арбен Таравари и Зијадин Села, кои во меѓувреме се раскараа до степен, народски кажано, да не сакаат очи да си видат. А, тоа создава проблеми при формирање сојуз каде што би партиципирале и двајцата, што се покажа и на локалните избори, по кои се распадна коалицијата.
Иако Села веќе почна да настапува самостојно, нејасно е колку тежи на политичката сцена. Многумина негови сопартијци сметаат дека тој најлошо ќе помине во споредба со другите албански политички партии на следните избори доколку сите настапат самостојно, бидејќи внатрешните и надворешните удари што ги доживеа оставија последици врз неговата репутација и кредибилитет, а истовремено не успеа да адаптира на новите политички реалности. Еден од многуте со такво мислење и е Кренар Лога, кој беше против излегување на АА од коалицијата со ДУИ, токму од причина што смета дека така партијата нема да преживее.
Од друга страна, пак, изгледа дека далеку подобра му е ситуацијата на Таравари. И покрај тоа што се преигра со излегувањето од ВЛЕН, бидејќи не успеа да ја урне коалицијата, сепак, со лупингот да се преориентира кон ДУИ успеа да освои 2 трофеи на локалните избори. Конкретно, неговите кандидати за градоначалници на Гостивар и на Врапчиште, Валбон Лимани и Исен Шабани, успеаа да издвојуваат победи како кандидати на коалицијата предводена од ДУИ. На тој начин, само Таравари од цела албанска опозиција има голема урбана општина со мнозинско албанско население.
НАЗАД ВО СТАРОТО ЈАТО
Од таа гледна точка, најголема логика има Ахмети на следните парламентарни избори да настапи само Таравари, меѓутоа проблем би било како да се поделат добитните позиции на пратеничките листи. Упатените посочуваат дека Ахмети ќе му понуди 3 добитни пратеници на Таравари, меѓутоа тој ќе бара најмалку петмина, колку што се минимум потребни за формирање на пратеничка група. Ако двајцата не постигнат договор, тогаш за Таравари остануваа 2 подеднакво непопуларни опции – да настапи самостојно или повторно да ги сврти погледите кон власта.
Доколку се одлучи за првото, познавачите на политичките прилики коментираат дека Таравари може да освои меѓу 1 и 3 пратеници, главно поради поддршката во Гостивар и во шестата изборна единица, но не може да претендира на повеќе од тоа. Тоа значи дека тој сам би освоил исто колку што би добил во предизборна коалиција со ДУИ, доколку, се разбира, на крајот Ахмети не одлучи да му ги исполни максималистичките барања врз основа на проценка дека токму во коалиција со него може да ја направи клучната предност пред ВЛЕН.
Во однос на можното враќање на Таравари во власта на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, тоа е теоретски можно како разврска, ако претходно се исполни еден специфичен предуслов, а тој е поврзан токму Таравари, т.е. тој да ја напушти лидерската позиција на АА, што ја зазеде откако ја доби правната битка за партиските печати со Села, чиј нов субјект се нарекува Албански сојуз. Но, дали е можно Таравари да си замине? И ако има таква можност, на каков начин, под кои околности и поради какви причини би го направил тоа?
Како што е познато, наскоро ќе се одржи Конгрес на Алијанса, на кој треба да се види дали Таравари повторно ќе се кандидира и ќе биде избран за партиски лидер. Доколку одлучи да се повлече, тоа ќе биде јасен сигнал за стратешко репозиционирање на партијата. Во таква ситуација, исклучително битно ќе биде кој ќе стане нов партиски лидер во конкуренција на 3 најсериозни кандидати. Покрај веќе споменатите Лимани и Шабани, во игра е и пратеникот Халил Снопче, кој се споменува како посакуван адут на власта преку кој ќе може да се привлече АА назад кон Илинденска и така да се реши проблемот со Бадентеровото мнозинство.
ПОЛИТИЧКИ И МАТЕМАТИЧКИ АРГУМЕНТИ
Од сето тоа јасно може да се препознаат интересите на водечките политички партии во контекст на следното изборно соочување, при што дел повеќе посакуваат редовни, а други вонредни избори. Единствена партија која може да се рече дека е на 2 ума и дека има аргументи и „за“ и „против“ и едната и другата варијанта е ВМРО-ДПМНЕ, која сега има безмалку идеална ситуација – стабилно парламентарно мнозинство со ВЛЕН и ЗНАМ, конструктивна опозиција во СДСМ, ДУИ па и Левица и сл. Сепак, судејќи според минатото и досегашното искуство, овој политички мир може да заврши преку ноќ.
За потсетување, ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски цела деценија нижеше изборни победи, со тоа што во една прилика сам освои мнозинство. Дури, и на изборите во 2016 година Груевски победи, но замина во опозиција откако не успеа да формира коалициска влада. За традиционално нестабилната политичка сцена, која преку ноќ може да се претрпи големи дисторзии и тектонски промени, веројатно свесни се во Белата палата, па дали можеби размислуваат дека најдобро е да одат на вонредни избори додека се уште се доминантни, наместо да ризикуваат во блиска иднина да претрпат некаков голем удар кој драстично ќе го погоди нивниот рејтинг?
„Фокус“ веќе пишуваше дека власта размислува за вонредни избори и за да ја избегне и опасноста да пропаднат следните претседателски избори поради непостигнување цензус од 40 отсто. За да не се случи тоа, претседателските избори ќе треба да се спојат со парламентарни избори, бидејќи спојувањето со локални избори е спорно од политичко-правен аспект, зашто ќе треба да се скрати мандатот на градоначалниците и советниците за 6 месеци. Па, така, можни се 2 сценарија, при што едното предвидува Гордана Сиљановска-Давкова да поднесе оставка една година пред истекот на 5-годишниот мандат, така што предвремени претседателски избори би се споиле со редовните парламентарни избори во 2028 година.
Другата варијанта, пак, подразбира со редовните претседателски избори во 2029 година да се одржат предвремени парламентарни избори. Доколку власта ја одбере оваа алтернатива, тогаш многу повеќе се зголемува можноста следната 2027 година да има предвремени парламентарни избори, за 2 години подоцна, т.е. во 2029 година, да има нови предвремени парламентарни избори. Ако ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за оваа варијанта, тоа значи дека партијата одлучила да го наруши договорот со ВЛЕН за редовни избори во 2028 година, што може да сугерира дека целта е да се предизвика постизборно рекомпонирање на политичките сили и владината структура.
Мала општина со големи проблеми
ДАЛИ ВОНРЕДНИТЕ ИЗБОРИ ВО БРВЕНИЦА ПОВТОРНО ПРЕДИЗВИКУВААТ ПОЛИТИЧКИ ТЕНЗИИ?
Прв сериозен тест за политичките односи и релации, пред сè во албанскиот блок, ќе бидат предвремените избори за градоначалник на Брвеница, кои ќе се одржат во октомври откако почина градоначалникот избран на ланските локални избори Јовица Илиевски.
Тогаш, Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ со разлика од стотина гласа го победи противкандидатот Хаким Рамадани од ВЛЕН, кој предизвика искри на релација ВМРО-ВЛЕН, бидејќи бараше и доби поддршка од конкурентската ДУИ.
Според пишувањата на одредени медиуми на албански јазик, тензии предизвикуваат и претстојните вонредни избори за градоначалник на Брвеница, на кои ќе се натпреваруваат Стојанчо Радически од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески од СДСМ, Јакуп Усеини од ВЛЕН, Аркин Јахии од ДУИ и уште двајца независни кандидати.
Како што наведуваат овие медиуми, во пресрет на изборите имало анимозитет меѓу копретседателот на ВЛЕН Изет Меџити и пратеникот Аднан Азизи, кој доаѓа од БЕСА на другиот копретседател Биљал Касами.
Наводно, Азизи и крилото на Беса отворило канали за комуникација со Арбен Таравари за можна соработка, додека Меџити се повеќе ги вртел погледите кон ДУИ, а како поткрепа на таквите тези се реферира на тоа што Али Ахмети и други функционери на ДУИ беа на погребот на таткото на Меџити.
Се разбира, ваквите написи засега немаат ниту официјална потврда ниту релевантна подлога, бидејќи, и покрај ривалството што постои меѓу акивистите на ДД (Меџити) и на БЕСА (Касами), далеку од точно е дека постојат непремостливи разлики на највисоко ниво во ВЛЕН кои раководството не може да ги менаџира, особено сега во позиција на власт.
Но, сепак, она што несомнено може да се случи, но не наскоро, туку во догледна иднина, е повторно да се унифицира албанскиот политички блок, како што се случи во периодот 2016-2017 година, кога всушност албанските партии одлучија ВМРО-ДПМНЕ како победник да замине во опозиција, а СДСМ да формира влада иако загуби на изборите.
Но, за да се случи тоа, потребно е да помине време во кое ВМРО-ДПМНЕ како водечка владејачка партија ќе води изразени и континуирани антиалбански и антиевропски политики, поради што за која било албанска партија би било погубно и самоубиствено да соработува со ВМРО-ДПМНЕ.
Освен тоа, за такво сценарио неопходно е меѓународната заедница или регионалниот албански фактор да ги амортизира разликите меѓу домашните албански актери, што може да се случи ако нема напредок во евроинтеграцискиот процес, но во една долгорочна перспектива, ако дотогаш меѓународната заедница го врати фокусот кон западниот Балкан и ако се намали ривалитетот меѓу Тирана и Приштина.
Ако платформата „12.05“ не го убеди Заев да го предаде Филипче, тој ќе ја зацврсти власта во СДСМ!