Луѓе-тенекии и други приказни за мали деца

by lali

За кого е оваа реклама Инвест ин Маседониа што оди на глобалната телевизиска мрежа Си-Ен-Ен? Одговорот е лесен.За оние што премиерот Груевски ги чува во тајност, а веќе ги спакувале куферите да дојдат во Македонија и да инвестираат. Не дека е нетранспарентен, туку затоа што ваквите разговори се во доменот на „деловни тајни“. Инвеститорите само што не дошле.

И така, доаѓаат веќе осум години. Или, како малиот Ѓокица си замислува држава, демократија и транспарентност. Небаре бакал. Па, чува деловни тајни од кај купува бостан, да не дознае некој друг бакал.

Кога ги држеше своите предизборни говори во 2006 година, лидерот на оваа нео-партија ветуваше дека ќе дојдат странски инвеститори во земјава кои ќе бидат привлечени од даночните и други олеснувања што ќе ги даде владата, но и од евтината работна рака.

Тој не излажа барем едно нешто – тоа дека цената на работната сила во земјава ќе падне толку ниско што дури и кинеските претприемачи веќе гледаат во Македонија како во земја со евтини луѓе. За работа. И за обработка. Што, всушност, значеше ова ветување, набрзо видоа и почувствуваа на своја кожа и најголемите скептици. Освен оние што не се сомневаат во ништо. Блажени…

ПРЕРОДБЕНИЧКА ЕКОНОМИЈА

Без греење во зима, во простории со дупки во ѕидовите, без врати, отвори покриени со најлони, со плати од пет илјади денари, ретко да дојдат до осум илјади месечно. Со десетина часа напорна работа дневно, во три смени, шест дена во неделата. Работат покриени со јакни, шалови и капи, за да не измрзнат. Во такви услови работат нечии мајки, сестри и сопруги во текстилните мануфактури во Штип, Тетово и Битола.

Ги викаат фабрики, странски инвестиции, но всушност се мали логори во кои работничките се третираат како робови. Мизерните услови за работа се само почеток на секојдневниот чемер на стотици жени што се дел од економската преродба. Им се развикуваат и ги пцујат, некогаш знаат и физички да ги малтретираат, а според две изјави и сексуално. Ова е, накратко прераскажан, само дел од Извештајот за состојбата на човековите права што го подготвивме во Цивил. Го објавивме јасно и гласно (на разглас), пред Собранието. Си рековме, да им го дадеме на тацна, пред работното место на оние што треба да донесат закони за одбрана на човековите права, според Уставот.

Од оваа дистанца, тврдам дека требаше да го направиме пред влада. Не дека ќе имаше поинаков ефект, но од принцип. Како што треба и 1 Мај да се одбележува со протест пред влада, а не пред Синдикат. Тие се само партиски огранок. Како и парламентот. И судовите. И другите институции. А владата е само уште едно партиско седиште.

Како и да е, Извештајот го подготвивме релативно одамна, пред неколку месеци, пред изборите, поточно фарсата од избори. Го објавивме тревожниот извештај и на веб-страна, го имаше по нешто телевизии и портали. Но, главната поента на властодршците тие денови беше пумпање на национализмот. Никој не мрдна со прстот дури ни да излаже дека нештата ќе се променат.

Немаше потреба од тоа. Затоа што оној што ќе се дрзне да ги стави под сомнеж реформите и привлекувањето инвестиции е предавник. Да се проговори во одбрана на достоинството и честа на нашите сограѓанки и сограѓани, нашите комшии, работни луѓе, тоа е акт на противдржавно дејствување.

За која држава зборувам, се знае. Само сетете се што кажа Луј Четиринаесетти: „L’État, c’estmoi“ (Државата, тоа сум јас).Ете за која и каква држава зборувам. Изгледа некој го повторува тоа пред огледалце секое утро. Веројатно, кога прашал кој е најубав во светот, не добил задоволителен одговор.

L‘ÉTAT, CEST MOI

Подгрбавени, со тап поглед, уморни и валкани, се движат како зомби. Работници. По некој од нив има капче или маица со лавчето. Само тоа е ново и л’ска под сончевата светлина. Другото е старо и правливо. Гладни се и понижени. Но, молчат. Голем дел од нив се задоволни што го добиле и тоа малку милост, да работат напорно и да заработат бедно. Некои од нив ќе гласаат со две раце и пет лични карти за животот да продолжи таков каков што е, само да не биде полошо.

Ги нарекуваат работници, ама тие се слуги. Закрепостени во партиските списоци, надничат кај газди со „сомнителен морал“. Газди кои во земјите од кајшто доаѓаат би платиле многу повеќе за помалку работа, а при тоа и ќе мораа да го почитуваат работникот. Овде им се сервирани суштества без права, послушни и страдни за малку леб.

Некои амали имале ксмет да работат кај најголемиот газда-држава, на државни инвестиции – цркви, споменици, фонтани, фасади, огради, сокаци и по нешто пат. Колку луѓе загинаа откако се појавија натписите „донација“ или „инвестиција“ на Владата? Ги брои ли некој мртвите? Или тие се незначителен данок во крв на големиот грабеж? Грабеж кој ги осиромаши и умот и џебовите на луѓето. Продадени за грст жолти парички. Но, тоа го вети лидерот во 2006 година пред да дојде на власт. И за таквиот недостоинствен живот е директно одговорен.

Колку аир видовме од странските инвестиции, веќе и малите деца знаат. И дека разни ликови од типот на Субрата има да ги ринеш со лопата. А тој, да се потсетиме, немаше пари. Парите за кои мустаќестиот побратим велеше дека ќе ги инвестира се, всушност, во црниот џеб на некои други. Тие се многу поблиску од Индија. Пред нос ни се.

И пак ќе слушнеме изјави од типот „една компанија“, „деловна тајна“, „пред склучување на договор“… Капак на сѐ, агресивна кампања на Си-Ен-Ен. Ја гледам кампањата Инвест ин Маседониа (…Where everything comes into place – Каде сѐ доаѓа на своето место) почесто од оние на мултимилијардерски корпорации и фондации, почесто од Катар Фондација, светски авио компании, Ролекс… Пак ќе прашам, за кого?

Уште поважно од ова е прашањето колку чини таа реклама и од чии пари е платена. И дали прашаа некого за тоа. И знам дека ова прашање, толку пати неодговорено колку што е поставено, стана банално и смешно.

Не се одговорени прашањата, бидејќи правото да се постави прашање е укинато. Може само да се слуша и клима со главата. Не прашуваат никого веќе осум години, додека ја препарираат земјава во предмет на потсмев. И „собираат арач лут, без жал“ („Сердарот“ – Григор Прличев). Притоа, се бранат со „претходните“. А бе, батки, тие „претходните“ беа и паднаа. Пред осум години…

Инцест ин Маседониа – можеби ќе биде подобар наслов за кампањата – каде власта го јава сопствениот народ како да е туѓ…

Хм, не ми требаше оваа споредба. Кај не е пристојна, таму може и да им даде идеја за вистински да почнат да јаваат луѓе по улици. Толку им чука.

ЦЕНАТА НА ПОДАНИЦИТЕ

Жените ги претворија во стока за расплод, младоста ја осакатија уште во училишните клупи, а универзитетите ги претворија во идеолошки бункери од кои излегуваат послушни тапоглавци. Скапото возење во автобус и брчкањето во бањските базени на пензионерите им ги претставија како бесплатни. Го сотреа зеленилото, а потрошија милиони на зазеленување, врби и други дрвца и цвеќенца. Нѐ отруја со Железара и други „инвестиции“, нѐ ограбија со даноци и казни, ни го уништија здравството и школството…

Не можам. Не можам да прифатам дека луѓето се толку наивни и затапени, а уште помалку можам да прифатам дека стравот е посилен од достоинството, па дури и од гладта. Не можам да прифатам дека луѓето не ја сакаат слободата и дека не сакаат да мислат. Дека им е доволно да им се дадат трошки леб и многу евтини игри. Panem et circenses (леб и игри) – како во раскалашните години на падот на Римското царство кога малкуте властодршци и нивните кучиња, споулавени од моќ и раскош, живееле на грбот на мноштвото сиромашни поданици на империјата кои, како хипнотизирани, ги следеле бескрајните фестивали и игри.

Сепак, споредбите со Рим се малку несмасни. Поточно, какви императори, такви споменици. Рим создаде спектакуларни и вечни уметнички и архитектонски достигнувања под силно влијание на грчката култура, а џуџињата во Скопје создадоа кловн од уметност и архитектура.

И поданици-чувари… Со чудни инсигнии на ракавите и грбот, разни ликови демнат на секој ќош. Не паркирај овде, не сликај онде, помини наваму, забрането ова, забрането она… Суштества со опис како хомо сапиенс, а со функција на тенекија, онаа од која се прават знаците.

Тажно. Цената на поданиците и чуварите на режимот и изборните победи е пониска од тенекијата. За парче леб и малку тапкање по рамо, си ги гасат мозокот и душата…

НОВИТЕ ПРОСЈАЦИ

Седиме сами во Чаршија, додека истура дожд, удобно сместени под стреата на омилениот ни клуб Менада. Ретките минувачи брзаат, кој со чадор, кој со качулка. Додека разговараме и се кофеинизираме, многу полека, ни се приближи една стара жена. Криви на едната нога. Подзастана на два чекори од нас, погледна, па го сврте погледот. Се колебаше. Тогаш, ја погледнавме и ние. Таа, срамежливо, одвај прозборе:

„Да не имате десет денари, деца.“

Не ја имаше подадено раката, само кажа и го сврте погледот. Беше очигледно дека ѝ е срам. Извадивме два-триесет денари и ѝ ги подадовме. Без да гледа во парите, ги зеде и ги стутка во џебот од стариот фустан.

„Фала ви. Фала ви многу.“ – изусти тивко и полека замина зад завесата од дождот.

По некое време, едноставно, не можев да издржам и потрчав по жената. Не поминала многу пат, ја затекнав на платото кај Универзитетот на ЈИЕ. Ја прашав дали живее далеку. Нема дом. Ја истерал мажот од дома пред повеќе од една година. Ја претепал и ѝ го скршил колкот. Била во шелтер една година, по што ѝ кажале дека нема веќе право да остане таму. Не ѝ беше арно. Беше настината. Бркнав во паричникот и извадив двесте и нешто денари. Ѝ ги подадов. Не сакаше да ги земе. Многу се, вели, ми даде пред малку.

На крајот, ја убедив да ги земе и ја прашав дали можам уште нешто да направам за неа. Не, не – вели – многу направи, фала ти многу. Се заблагодари во низа уште неколку пати, ми ја стисна раката и продолжи понатаму по дождот низ кој се прекршуваше светлината од големите споменици и фонтани. Јас му се вратив на кафето на терасата. Тагата и револтот го придружуваше вкусот на кафето и разговорот во остатокот од вечерта. Сѐ повеќе луѓе просат. Нови, невешти и срамежливи. Просат, затоа што не им преостанало ништо друго во животот.

Пред некоја вечер, седевме на скара кај Хашим, во Чаршија. Нешто пред десет часот, до масата ни се приближија две девојчиња. Едното продаваше крем-банани, а другото влажни марамчиња. Не ги имавме видено порано. Нови се. На возраст од околу 8 години, слабички, срамежливи, не знаеја како да се обратат, како да го продадат тоа што го имаа во рацете. Зборуваа на албански, а потоа се преведуваа на лош македонски.

Едното девојче, тоа со влажните марамчиња, се оддели од својата другарка или сестричка и седна на една клупа недалеку од нас. Беше преморена. Картонската кутија со две-три преостанати пакетчиња ѝ висеше меѓу ковчестите прстиња во кои како да немаше крв. Главчето навалено, косичката и паѓаше преку лицето, задрема. Детево беше гладно и изнемоштено. Другото девојче потоа дојде и ја викна. Таа стана и со затворени очи појде по неа. Преморот беше очигледен. И срамот.

Таа вечер избројав седум деца како одат од маса на маса и се обидуваат да продадат марамчиња, лепези или крем-банани. Три од нив ги знам, другите беа нови. За децата што просеа не сум сигурен, но мислам дека за тие три часа додека вечеравме, пари ни побараа пет или шест, од кои за две сум сигурен дека не сум ги видел порано. Ако на тоа им ги додадеме уште две возрасни жени и еден маж во количка што просеа, продавачот на пенкала и двајца што продаваа „оригинал“ парфеми и ремени, вкупната бројка е речиси дваесет души што застанаа покрај нашата маса. Сите тие се дел од преродбеничката економија.

ДВЕ ГЛАВИ – ЕДНА МИСЛА

За тоа време, тандемот Груевски-Ахмети со татнеж ги реализира своите проекти. Во ист ритам дишат, со ист вокабулар се служат. Цврсто чекорат во освојување на страниците во историјата, градејќи сѐ подобра и поудобна иднина за себе и за своите најблиски послушници.

Читам, по некои медиумски ќенефи, Груевски пак почнал да пука со познатата муниција по неистомислениците: квазиинтелектуалци, финансирани од Сорос… И неговите владини другарчиња се служат со сличен јазик. На една средба зад затворени врати со еден дипломат, Ахмети, партнерот на Груевски, бил запрашан за коментар за протестите против пресудата во случајот Монструм. Логично прашање, негов е министерот за правда. Тој рекол дека тие протести се организирани од псевдоинтелектуалци финансирани од фондацијата Сорос и од ТИКА (турската владина фондација). Малку му се измешале брзините. Сорос и ТИКА не одат баш заедно во иста реченица, особено затоа што ТИКА ги претставува интересите на уште еден побратим-автократ, турскиот султан Ердоган.

Ехо на ваквиот вокабулар е и изјавата на Муса Џафери кој пред некое време изјави дека партија не се прави на улица, во обид да ги дискредитира своите сограѓани кои демонстрираа против пресудите во контроверзниот процес, демек, крајната цел е формирање на нова партија. Хм, партија не се прави на улица… Добро, а каде е соодветно место за правење партија? Во планина? Со Калашников во рацете?

Цели човечки судбини, цели семејства се „решаваат“ со притисок на едно копче на тастатурата. Се бришат или се додаваат луѓе, се бришат долгови или се додаваат нови. Деновите кога го презентирав споменатиот Извештај за човековите права, со грутка во градите ја изнесов констатацијата дека дури и да се биде невработен во денешно време е привилегија за многумина. Затоа што не е лесно да се добие тој статус, а сѐ полесно е да се изгуби. Една самохрана мајка од помало гратче морала да го однесе своето болно дете во Скопје дента кога морала да се пријави во локалната канцеларија на Агенцијата за вработување. Ја избришале од евиденција.

КОГА СЛОБОДАТА Е ПОВАЖНА ОД СЀ

Кога во декември 2013 година бев повикан да сведочам пред парламентарната Комисија за политички систем за пресумпцијата на невиност и слободата на изразување, прашање ми постави пратеникот Влатко  Ѓорчев. Прашањето беше во циничен тон, реторичко, демек познат е одговорот. Парафразирано, тој ме праша како тоа моите ставови се слични или идентични на ставовите кои тој ги слуша од пратениците на СДСМ. Кутриот, се обиде да направи поента, но безуспешно.

Ако ставовите на СДСМ или било која друга партија се слични или исти како на организација за човекови права, тоа може да говори само добро за таа партија. Тоа беше мојот одговор тогаш, тоа е мојот одговор и сега.

Ако констатираме дека изборите се далеку од слободни, фер и демократски, не значи дека сме го констатирале тоа под влијание на опозицијата, туку дека сме ја соопштиле вистината. Како што ни ОБСЕ/ОДИХР не се на платниот список на опозицијата, туку се меѓународна организација во која амбасадор има и нашата земја.

Ако човековите права меѓу кои спаѓа и правото на глас во изборните процеси се загрозени, јас нема да го премолчам тоа, само затоа што има уште некој што го констатира тоа. Ако достоинството на човекот е прегазено, нема зошто да го премолчам тоа, ако миг пред тоа истото било објавено на прес конференција на опозицијата.

Да не говорам за тоа дека многу почесто токму ние, активистите за човекови права и новинарите, први доаѓаме до сознанија за тешките судбини на луѓето прегазени од власта. Ако не ги затвораме очите пред вистината, ако не се плашиме, ако одбиваме да нѐ поткупи власта со парите наши и на нашите сограѓан(к)и, може само да значи дека сме слободни. А слободата е поважна од сѐ. И не се мери со пари или единици мерки за простор или време.

Поврзани новости