Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски ја прославува слободата во неговото родно село Челопек во тетовско со роднините, пријателите и сопартијците.
По повод неговото излегување од затвор, прослава е организирана во дворот на црквата Свети Никола во Челопек.
На ручекот во дворот на црквата пристигнаа 60 претседатели на општинските комитети на Обединети за Македонија од целата држава.
Бошкоски кој издржуваше казна затвор од пет години вчера беше пуштен од затворот Идризово.
Тој беше уапсен на 5 јуни 2011 година во Скопје, со обвинение за незаконско финансирање на предизборната кампања. Потоа Бошкоски беше осуден на пет години затвор.
Против него се води уште еден процес, „Ровер“, кој двапати беше враќан на повторно судење.
Специјалното јавно обвинителство отвори предмет под името „Тортура“ за начинот на кој тој е уапсен. СЈО покрена истрага против седум лица поради основано сомнение дека сториле кривично дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување при апсењето на Бошкоски. Неговиот случај беше нотиран од Стејт департментот, во извештајот за човекови права, како политички затвореник.