Обвинетите и на денешниот главен претрес повторија дека не се виновни за двојното убиство на Марија Тушевски и Киро Јанев, извршено ово 2001 година. Сите останаа на исказите дадени претходно, а Бошкоски даде дополнување, потсетувајќи дека се жртви на политички монтиран процес.
-Не само што јас не знам за што сум обвинет, туку тоа не му е јасно ниту на Апелациониот суд, кој посочи дека за предметот нема ниту докази, ниту умисла. Станува збор за „многу талентирана обвинителка“ кој никој не ја разбира. Затоа не таа, туку ние ќе покренеме обвинение против неа, бидејќи ове е најголемото злосторсто што ни се случило. Две години, без докази, не држат затворени и не малтретираат, истакна Бошкоски.
Поголемиот дел од исказот, Бошкоски и го посвети на обвинителката, Лидија Раичковиќ- Вучкова, но и на судскиот совет, предводен од судијата Илија Трпков, порачувајќи им дека еден ден ќе се срамат од своите постапки.
-Во својот ум обвинителката креирала идеја дека треба да не обвини, а потоа без ниту малку човечност и срам, повторно да каже дека останува на обвинението. Затоа барам обвинителството да одговара за изживување, за малтретирање на лица кои не можат да се бранат. Во овој случај покрај пиштолот, обвинета треба да биде и обвинителката, рече Бошкоски.
Поранешниуот министер за внатрешни работи, цитираше и делови од Библијата, бидејќи како што рече и владејачката партија се претставувала како демохристијанска, па можеби ќе го разберела.
-Св. Павле рекол: И за најголемото зло немојте да судите без најмалку два- три сведоци. Со ова ова сакам да ја инспирирам обвинителката да најде уште два- три заштитени сведоци, за да направи поубава конструкција, истакна Бошкоски.
Тој на крајот побара од судот да ја прекине, како што рече, оваа фарса, и да се испрати јасна порака дека за кажан збор не треба да се одговара во 21 век. Побара од судот барем да ги ослободи другите обвинети, бидејќи тие биле колатерална штета на идејата Љубе да бил ставен зад решетки.
-Соберете сила, бидејќи платат и дневницата не може да ви ја исперат вашата свест. Зарем не се задоволивте со тоа што поминав четири години во Хаг, и дополнителните пет кои ги добив со монтираниот случај „Кампања“. Зарем уште сакате крв, го запраша судот Бошкоски, замолувајќи, ако е можно повеќе да не се појавува на судењеата, бидејќи како што рече, и така веќе им било спремно што да напишат во пресудата.
Овинителката Лидија Раичковиќ- Вучкова немаше прашање ниту за еден од обвинетите, а на денешното рочиште единствено истакна дека останува на истото обвинение, без да го дополни или измени. Оваа одлука се коси со барањето на Апелациониот суд, од каде што побараа точно да се утврди умислата на секој од обвинетите, и со докази да се докаже нивната вина.
Со првостепената пресуда за „Ровер“ која Апелација ја укина, Бошкоски беше осуден на 12 години затвор, Зоран Трајковски на десет, по осум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Доживотен затвор, пак, добија Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ иВук Вукичевиќ, кои се недостапни за органите на прогонот.