На денешното судско рочиште за случајот „Ровер“, пред обвинителката и обвинетите да ги кажат своите завршни зборови, Љубе Бошкоски побара да му се изврши психијатриско вештачење на судијата Илија Трпков. Бошкоски објасни дека вештачењето е неопходно, за да може да се утврди дали судијата е доволно храбар и непристрасен за да го води судењето до крај.
– Треба да му се помогне на судијата Трпков, бидејќи не можеме да имаме преплашено лице во еден сериозен случај. Моето искрено сочувство со него. Јас сакам само да му помогнам. Како што повеќето новинари се плашат за своето работно место, ако не го послушаат главниот уредник, така и судијата се плаши да не биде сменет од главниот уредник, односно од една политичка фигуретка, наречена Никола Груевски – рече Бошкоски.
Тој иронично додаде дека, кога ја слушнал првостепената пресуда за „Ровер“, според која беше осуден на 12 години, му дошло да го утеши судијата, бидејќи тој се препотувал и се однесувал, како тој да добил 12 години.
Судијата му дозволи на Бошкоски да се доискаже, но кога тој постојано повторуваше дека треба да му се изврши психијатриско вештачење, судијата го избрка надвор од судница, додавајќи дека јавноста е сведок на кого треба да му се направи психијатриско вештачење.
Бошкоски и неговите адвокати, како и обвинетиот Зоран Трајковски и неговиот адвокат Љупчо Веселиновски побараа изземање на судијата поради незаконско водење на случајот. Трајковски реагираше дека се држи во заложништво, бидејќи иако помина законскиот рок од две години, тој се уште е во притвор.