Љубе, Амди, Бачев, Милетиќ, Земон не ги пријавиле партиските донатори во законскиот рок

by Фокус

Седумнаесет политички партии досега не ја исполниле законската обврска да достават регистар со донатори до Државниот завод за ревизија. Како што информираат за Фокус од ДЗР, оваа законска обврска досега не ја исполниле Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски, Сојуз на Ромите на Амди Бајрам, Народно движење за Македонија на Јанко Бачев, Српска напредба странка на Драгиша Милетиќ, Алијанса за позитивна Македонија на Рубин Земон. Во оваа листа влегуваа и уште десетина „помали“ политички партии, меѓу кои ОПЕР, ПДП, Унитети, МААК…

„ДЗР во моментот ги завршува евиденциите на доставени годишни сметки и годишни финансиски извештаи при што до крајот на овој месец ќе поднесе предлог до Министерството за правда за суспендирање на финансирањето за политичките партии кои не доставиле еден, два или сите три извештаи (годишна сметка, годишен финансиски извештај и извештај од регистарот на примени донации) кои се бараат согласно Законот за финансирање на политички партии за редовно годишно финансирање од буџетот на Република Северна Македонија“, велат од Државниот завод за ревизија.

Според член 25 од Законот за финансирање на политичките партии, политичките партии имаат обврска да подготват годишен извештај за добиените донации, кој за изминатава 2018 година морало да го достават до ревизорите и Управата за јавни приходи и да го објават на нивните официјални интернет-страни најдоцна до 31 март годинава. Членот 27, пак, предвидува партиите го имаат истиот рок за да изготват и годишен финансиски извештај за претходната година, кој го содржи финансиското работење на сметката на политичката партија, како и потсметките на локалните ограноци.

„ДЗР со цел да помогне во навремено и комплетно регулирање на оваа обврска од страна на политичките партии, редовно контактира со сите заинтересирани политички партии доколку имаат нејаснотии или прашања околу формата, содржината и начинот на исполнување на обврската, со цел подобрување на експедитивноста во доставувањето, што е извонредно значаен процес кој се мониторира од страна на Европската комисија“, велат ревизорите.

Според овој закон, се запира исплатата на средства за редовно годишно финансирање од државниот буџетот на политичката партија која до државниот ревизор нема да достави годишен регистар со донатори и финансиски извештај во пропишаниот рок. Оваа суспензија на средствата за редовното годишно финансирање од буџетот, која ја потпишува министерот за правда на предлог на ДЗР, трае до уредно исполнување на законските обврските во поглед на извештаите за финансиското работење на партиите.

„ДЗР останува отворен за прием на извештаите до поднесувањето на предлогот, но и после тоа, односно по донесувањето на одлуката за суспензија од Министерството за правда, со оглед дека и самиот Закон за финансирање на ПП предвидува можност за запирање на суспензијата доколку политичката партија ги исполни неисполнетите обврски за финансиско известување“, велат од ДЗР.

В.С.

Поврзани новости