Ги поддржуваме четирите од вкупно пет барања што опозицијата ги достави до власта и истовремено од СДСМ очекуваме максимално конструктивен приод за барањето за формирање на техничка влада, се вели во денешното соопштение на партијата на Љубчо Георгиевски.
– Нашиот предлог, три месеци пред денот на изборите актуелните министри за внатрешни работи, за правда и за финансии и директорите на Управата за безбедност и контраразузнавање и Бирото за јавна безбедност, да се заменат со експерти кои не се членови на партии, со мандат до завршување на изборите. Ова решение би важело пред секои парламентарни избори.
Ова е идеална позиција и за двете страни и добра основа за почнување на дијалог што ќе значи излез од сегашниот политички ќорсокак – велат од ВМРО-Народна партија.
Според ВМРО-Народна партија извештајот на Европската комисија претставува последна опомена и јасно изразена нулта толеранција за Македонија, дека доколку во наредниве два месеци не ги исполниме политичките услови наведени во него, по автоматизам ќе значи целосно изолирање на Р.Македонија од сите евроатлантски интеграции, што ќе има катастрофални последици дури и за опстанокот на државата.
– Ваквата неповолна внатрешна состојба и влошената политичко безбедносна ситуација во регионот и пошироко, бара висок степен на државничко однесување на сите политички лидери во Р.Македонија – смета партијата.