ЛП: Предложените уставни измени ќе донесат длабока политичка криза

by Фокус

Либералната партија смета дека во Собрание со нарушен легитимитет, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ само се обидуваат да создадат впечаток дека политичкиот процес е редовен и одржлив преку предлагање уставни измени, нешто што во иднина ќе води кон длабока политичка криза.

Во однос на владините предлози за измени во Уставот на Република Македонија вчера заседавал Извршниот комитет на ливералите.

„За ЛП е јасно дека овој квази-догматизам и „пуританство“ е само дефокусирање на јавноста од главните прашања: влошувањето на животниот стандард вклучително тековниот тренд на поскапувања и очигледната неодржливост на легитимитетот на институциите по изборите годинава. Затоа, ЛП предупредува дека едностраната интервенција во Уставот од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во вакво Собрание создава услови за долготрајна и длабока политичка криза на краток и среден рок, со далекусежни последици на долг рок“, се вели во соопштението.

Според ЛП, во предложените измени на Уставот во областа на судството и на Уставниот суд, иницијаторите не ги изнеле причините за нивните предлози во смисла на анализа на констатираните слабости и пречки за развојот на независноста на судската власт, заштитата на човековите и граѓанските слободи и права; оние произлезени од бројните измени на законите и слабостите манифестирани во судската пракса.

„Иницијативата за измени на Уставот околу лимитот на буџетскиот дефицит не е заснована на анализа на состојбите, причините за предложените измени и ризиците од ваквото решение. Оваа материја за Македонија ќе биде од значење при нашиот прием за полноправна членка во ЕУ – цел од која Македонија се оддалечува особено и поради политиките на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, се вели во соопштението.

Либералната партија оценува дека проблемите на демографијата во Македонија не произлегуваат од Уставот и дефинирањето на бракот во него, туку од погрешните политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и опаѓањето на стандардот и квалитетот на живот како последица од нив.

 

Поврзани новости