#Свецко

by lali

photo-150x150Почитувани гледачи, добредојдовте на првиот квалификациски натпревар на нашата репрезентација. Како и сѐ во нашата држава, репрезентацијата е составена само според вкусот на власта. Нашите се во традиционална жолто-црвена античка комбинација, освен напаѓачот Груевски, кој носи син дрес од јапонскиот цар, а под него има корејски и кинески дресови.

Поради економската криза и мерките за штедење на владата, неговиот единствен дрес заврши во Јапан и затоа за првпат имаме ваков реформски потег, кој СДСМ никогаш не го направил.

Ова, што би рекол нашиот уредник Горан Петрески, спаѓа во неветено, ама исполнето. Барокната арена е исполнета со презадоволни државни службеници и тука паѓаат во вода манипулациите од некои проопозициски портали, кои пишуваа дека административците наводно морале да се отчукуваат на влезот во стадионот.

Играчите заедно со дечињата од подмладокот излегуваат на терен, предводени од капитенот Груевски, кој за рака го води Диме Спасов. Во свечената ложа Хорхе е опкружен со своите колеги од регионот. Упс, пардон, изгледа уште не се седнати околу него, па да се вратиме на теренот.

Пред да се интонираат химните, од Канал 5 добивме ексклузивна вест дека на полувреме публиката ќе ја забавува нивниот ексклузивец Амди, кој од 25-метарскиот кран на Каролина, ќе рипнел во базен. Доколку изминатата недела гласал за сите закони, ќе му пуштат и вода во базенот.

И додека топката е во загадениот воздух, да Ви ги соопштам составите. Власта и селекторот Ѕинго одлучија да настапиме во формација 4-4-2, а на голот да е Зврлевски. Тој покажа најмногу одбрани за Груевски во подготвителниот период. Иако цела сезона Латас и Миленко го бранеа Груевски, измислуваа, цитираа непознати политичари, даваа непостоечки примери, доволна беше една утакмица Зврлевски да застане меѓу каријатидите на барокниот стадион. Бранеше и тоа што не се брани, кога сите ја видоа топката во голот на мечот со „Македонска банка“, Зврлевски ја извади топката од гол линијата. Да бидеме искрени, со мала помош на помошниот судија, но бидејќи кај нас нема гол технологија, главниот судија само одмавна со раката и ја продолжи утакмицата како ништо да не се случило.

Во одбраната пред Зврлевски се Талат Џафери и Зоран Јолевски. Се очекува гранитна одбрана, со оглед на тоа колку гранит за својата вила на Водно во подготвителниот период собираше Талат. Покрај тоа, неговото искуство за фортификација е надалеку познато, сѐ до Брисел и седиштето на НАТО. Единствено може да биде проблем комуникацијата меѓу нив, особено доколку Јолевски е со грб и не го чуе молкот на Талат. Од дебитантот Јолевски очекуваме заднинска игра без многу креативност, само исполнување на дадените задачи.

На бековските позиции се најдоа Никола Поповски и Антонио Милошоски. И двајцата го заслужија ова место постојано трчајќи наваму-натаму, одејќи напред назад, поточно летајќи, како со авион, така и со паметот. Како и обично, и пред овој натпревар ветуваа добри вести и пласман во следното коло, истакнувајќи дека на тренинзите многу работеле да ја тргнат навиката да ги држат прстите споени пред телото.

Во средината се играчите за врска, Јанакиески и Тодоров. Првиот, што би рекле во спортски жаргон, девојка за сѐ, омилен среден играч во владата, а Тодоров покажа дека може да игра на секоја позиција, еден класичен all round, кој не троши многу топки, ама затоа буџетски пари и тоа како.

Кога сме кај Тодоров, да истакнеме еден антимакедонски потег на европскиот претставник на ОБСЕ, кој е делегат на мечот. Имено, странскиот платеник интервенираше пред почетокот на мечот и му го одзеде џојстикот на Тодоров.

Залудни беа укажувањата дека токму во тој момент мести еден стент, но најверојатно станува збор за притисок кон делегатот од нашиот јужен сосед. Покрај нив, во средината се уште и СМ и Ивица Боцевски. СМ во еден подолг период се покажа како најдобар познавач на врските во нашата држава и е нашето тајно оружје. Од него очекуваме како и обично, целосна контрола на играта и форсирање на оние кои се во форма, односно оние кои ќе заслужат. Боцевски кој променил многу тимови и дресови, добро ги познава сите и со сите соработувал. Можеби мал хендикеп ќе биде неговата тромавост и затоа се очекува да седи само на центарот и од таму да дели лекции и да испраќа балони кон двоецот напаѓачи.

И во нападот, двоецот Ахмети и Груевски. Како што рековме, едниот во син дрес, малку невообичаено со број 1, а другиот со различен грб на дресот и бројка 25% на позадината на дресот. Притоа се очекува едниот да напаѓа од лево, со ниски удари, а другиот од височина со лоб удари. Останува да се види дали ќе соработуваат или секој ќе влече на својата страна и ќе ја заглават и оваа репрезентација, како државата.

Малку изненадување е што единствените двајца играчи што знаат да играат фудбал, Рафиз и Ставрески се на клупа, зошто кај нас, тие што вредат за нешто не се во игра. Спире уште непочната утакмицата беше заменет, а иако подолго време се загрева и поприлично инвестира во себе и во својата околина, Керим нема никогаш да влезе во игра. Од клупата за да биде виден подрипнува и Мендух Тачи, кој секогаш е спремен да замени некого.

За жал, повторно иста игра на нашата власт. Ветуваа многу, но очигледно ништо не се променило. Џабе ИПА помошта, џабе високиот дијалог. Очигледно играчите сѐ уште се преокупирани со провизијата, пардон премијата за овој натпревар. Многу трчање ама без ефект. Нема слобода во играта. Сите очекуваат друг да ја заврши работата. Едните играчи го гледаат Груевски, другите Ахмети, без да им се даде знак не преземаат некаква акција.

Слабо влегуваат во дуели и постојано гледаат во судијата, но очигледно ова е некој навистина независен судија. За разлика од нив, напаѓачкиот тандем не гледа кон судијата. Груевски гледа само во публиката и во камерите, тој за судијата си има стандарден адвокат. А Ахмети гледа само кон запад, чека да се појави некој судија Питер

Иако на Сител е 3-2 за нас, за жал само ние примаме голови…

…И повторно примивме гол, 0-5, ново фијаско на четата на Груевски. Остануваме закопани на дното на табелата. Очигледно пријателските утакмици се едно, а овие официјални дуели сосема нешто друго. Не може да се победува со игра во која секој го гледа својот џеб и можеби за овој состав и да играме со две топки ќе биде малку.

П.С.
Да се надеваме дека грлото на Панчев не го зафатило политичка ангина и ќе продолжи да коментира и понатаму, како единствен светол момент на МТВ!

Поврзани новости