ЛП: Поради пропусти на власта, Битола е неквалитетно место за живот

by Фокус

Либералната партија смета дека поради низа пропусти на власта Битола е неквалитно место за живеење, поради што најперспективните млади ја напуштаат и заминуваат во странство. Партијата најавува дека по формирањето огранок во Битола, ќе работи на отстранување на сите проблеми во овој град.

-Во Битола е евидентен трендот на затворање на малите фирми поради кризата и бројните инспекции во градот. Има случаи каде што се прават опструкции на фирмите што работат добро за да може да се преземат или да се затворат за да не бидат конкуренција на големите фирми со сопственици блиски на власта.
Во училиштата нема лаборатории за да може да се изведува квалитетна настава. Сметките на училиштата се постојано блокирани, владее непотизам кај наставниот кадар без да се земе предвид нивниот квалитет, исти лица се директори во повеќе мандати со ротирање во училиштата, а програмите не се адаптирани кај учениците со посебни потреби. Со отварањето на дисперзирани студии во мали места, се обезвредни квалитетот на високото образование, се вели во соопштението на Либералната партија.

Од партијата додаваат и дека Битола е еден од најзагадените градови во Македонија, со забележлив тренд на луѓе заболени од рак. Шумите неконтролирано се сечат и не се пошумуваат соодветно.

-Битола и околината на Битола изобилува со можности за туризам и спортски дисциплини како планинарење, скијање и велосипедизам. Состојбата е многу лоша бидејќи планинарските домови се руинирани и нема соодветни патеки со места за одмор и освежување. Скијачките центри во Грција од другата страна на планината Ниџе со врвот Кајмакчалан може да се поврзат со нови скијачки патеки во Македонија и со тоа сезоната на овој спорт да се продолжи со туристи од повеќе земји“, стои во соопштението.

Според генералниот секретар на ЛП Горан Николовски во овој период се докомплетира партиската структура и во други градови за да се реализира новото темпо на активности на Либералната партија.

-Наша определба е економијата на прво место, подобро образование, правда за сите, и еднаков пристап до можностите за сите граѓани и бизниси – изјави Николовски.

Поврзани новости