-Во услови кога овој проект не може да се реализира бидејќи инвеститорот е во затвор, недозволиво е Владата да ја презема реализацијата со инвестиција од буџетски средства, реагира Комисијата за економија и финансии на Либералната партија по најавите на Владата дека ќе се потрошат од 6 до 8 милиони евра за изградба на втор споменик на Мајка Тереза.
Од ЛП велат дека, бидејќи веќе има споменик на светицата Мајка Тереза на улица Македонија во непосредна близина на предвидената локација за новиот споменик во Скопје, градењето на нов споменик е само непродуктивно трошење. Од партијата апелираат на воздржување од трошење на буџетски средства за непродуктивни објекти во време на забавена економија и политичка криза.
-Владата на РМ со договорот во Пржино е речиси од технички карактер и сите проекти и законски решенија е потребно да се носат во Собранието во присуство на цел собраниски состав, сметаат од ЛП.