Лозарите од Тиквешијата се револтирани поради ниските откупни цени на грозјето.
Договор за цени повисоки за 20 проценти, како што барале од винарските визби, засега нема, па поради тоа од регионалното здружение ,,Напредни лозари’’ повикаа на масовна излезеност вечерва на собир кој ќе се одржи на градскиот плоштад во Кавадарци, а на кој ќе биде договорен терминот за почеток на протестите, односно блокадите на магистрални и регионални патишта.
-Со последниот состанок во министерството не постигнавме напредок. Цените останаа исти, 13 со 11 денари за килограм грозје, и ние лозарите сме во загуба. Ги повикувам лозарите да дојдат и да дадат поддршка, за да постигнеме реална цена. Протетстот е планиран да се одржи по магистралите и регионалните патишта, мораме нешто да постигнеме. Знаеме колку не чинеше производството на грозјето, и многу сум револтиран. Од ветувањата не остана ништо, освен само надеж. Лозарите мора да сфатат дека работиме за без пари, кога еден аргат доаѓа на работа за 1.200 денари, што останало за грозјето, 11 или 13 денари не се исплати. Навистина е срамно, ветуваа многу, а на крајот не излезе ништо – изјави Трајче Кулев, претстедател на здружението.
-Останаа проблемите со визби кои го откупија грозјето за без пари, како Повардарие, срамно е и ве молам веќе еднаш да се направи нешто во интерес за лозарството. Винариите се договориле цените да останат исти и да нема зголемување. Тие знаат колку треба за да се произведе еден килограм грозје, по реална цена. Бев смирен, но еве до каде не доведе смиреноста. Додека ние лозарите не се обединиме, додека не излеземе на протест и го искажеме незадоволството, додека кажуваме од дома и пишуваме на Фејсбук, нема подобрување – порача Кулев.
Тој најави дека ако лозарите не го поддржат и не излезат во голем број, ќе си даде оставка.
Вики Клинчарова