549
Поради исклучително топлиот летен период, годинава откупот на грозје во Тиквешијата започна неколку недели порано. И, ако изминатите години лозарите беа тие кои што буквално се молеа пред откупните пунктови за да им биде откупен родот, годинава, поради мрзнењето на виновата лоза, и слабиот род, тие си ги променија улогите со винариите.
На локалните радио станици постојано се вртат реклами од винарски визби и откупни пунктови, кои информираат дека откупот е започнат, и апелираат лозарите да им го предадат набраното грозје.
,,Не се сеќаваме кога некогаш во минатото имало радио реклами за откуп на грозје. Секоја година, за време на гроздоберот имавме големи главоболки околу тоа каде да го предадеме родот. Се случуваше со денови да чекаме пред пунктовите, грозјето започнуваше да се скапува и да истекува од приколките.
Буквално се молевме да ни биде откупено. Дури и не прашувавме за цена, немавме излез, само гледавме да го предадеме, за да не ни отиде трудот од цела година во неповрат’’ – раскажуваат лозари со кои разговаравме пред еден од откупните пунктови во Неготино.
Велат дека родот годинава е значително намален. Цените пак, не се задоволителни, и ова им била една од најнеродните години.
,,Лани набравме околу 12 тони грозје. Оваа година едвам 2 тони, немаше род, измрзнаа насадите. За смедеревката добивме 10 денари по килограм, бидејќи сакавме да ни се плати веднаш, инаку, ако се оди според законскиот рок на три рати, еден килограм се плаќа по 11 денари.
Самите пресметајте колкава добивка имаме. Дваесет илјади денари за целогодишен труд. Сега ќе ни стигнат и фактурите за водарина, данок, моравме да ги платиме и берачите кои доаѓаат за дневници од 900 до 1.000 денари, плус ручек. Ете колку е исплатливо лозарството’’ – раскажува неготинчанец.
Сортата вранец, која е исто застапена во голема мера во Тиквешијата се откупува по 13 денари на одложено плаќање, или 12 денари ако лозарите сакаат да им биде платена веднаш. Мерлот се откупува по цена од 16 денари и плаќањето е веднаш.
Традиционалните редици на трактори со приколки и камиони ги нема пред откупните пунктови и откупот тече без застој.
Вики Клинчарова