Поп пејачот Влатко Лозаноски – Лозано во март заминува во Торонто, Канада. На 28-ми март тој ќе настапи во МПЦ Свети Климент Охридски, информираат од Пиреј.
Инаку, Пиреј е новоформирана непрофитна организација, која го негува македонскиот традиционален етно мелос.
Според организаторите, кои ја споделија веста за гостувањето на Лозано пред неколку часа во групи на социјалните мрежи посветени на дијаспората, музичарот ќе настапел со својот бенд од Македонија и неговиот колега Ристе Тевдоски.
-Лозано и Ристе ќе настапат пред македонската публика во големата сала на Свети Климент Охридски со почеток од 19.30 часот. Картите се 50 долари, а за деца до 12 години влезот е слободен. И без објавена реклама, веќе има голем интерес за настанот – информираат организаторите.
Синоќа, за време на доделувањето на наградата за најслушана поп – фолк нумера за песната ,,Мајко” на МАЦ во Белград, Србија, Лозано изјави дека доаѓа од Македонија, а не како што беше најавен, од Северна Македонија.
Веднаш потоа, воодушевени од неговата постапка, иселеници од Канада му порачаа дека ќе го поканат да им гостува.
Ова не е прв пат наши иселеници во Канада и Австралија да ги делат музичарите на наши и ваши, односно на патриоти и предавници.
Кога пред две години по повод повод поканата за членство во НАТО и добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ, Владата организираше концерти во 15 градови со околу 40 музичари, иселеници од Австралија и Канада масовно споделуваа плакат со фотографии од пејачите и повикуваа да им се бојкотираат настапите во дијаспората.
-Ќе пееле за пари, така беа предадени Христос, Делчев, Сугаре, Даскалот и други. Да ги собереме сите јајца и да им ја постелиме бината! – апелираа тогаш наши иселеници од Австралија на социјалните мрежи.
Од Канада пак, претседателот на Светски Македонски Конгрес Канада, Bobby Temelkov, тогаш им порача на менаџерите да не помислуваат да донесат некој од пејачите кои пееле на плоштадите во организација на Владата на гостување во Канада.
-Јавно предупредување! Немој ни случајно некој од Канадските музички менаџери да помисли да донесе во Канада некој од овие групи или пејачи! Лично ќе се погрижам настапите да бидат бојкотирани од мнозинството на Македонската заедница во Канада! – порача тогаш Темелков, кој синоќа ја поздрави постапката на Лозано.
Вики Клинчарова