Лозано со песна за иселените

by Fokus
По стапките на своите фолк колеги, од кои речиси секој еден на својот репертоар има по некоја печалбарска песна, и Влатко Лозаноски сними нумера посветена на оние кои го напуштиле родното огниште.

Песната е во неговиот препознатлив поп стил, и за два дена веќе има над 40.000 прегледи на интернет каналот Јутјуб. Новата песна ,,Километри’’, е дело на авторскиот тим Магдалена и Лазар Цветковски, а за истата тој снимил и спот, во хотелот ,,Изгрев’’.

Како што тврди Лозано, текстот на песната бил доста емотивен и верувал дека во него ќе се пронајдат многу луѓе, посебно оние кои не живеат повеќе во својата татковина и нивните блиски. Ова е втора песна на Влатко за кратко време, откако минатиот месец ја промовираше нумерата ,,Камо тебе да те имав’’.

Лозаноски, кој беше нашиот Евровизиски претставник во 2013 година, изминатиот период сериозно е посветен на кариерата. Минатото лето го сними хитот ,,Ова лето ќе се памти’’ песна која се најде на врвот на топ листите на радио станиците и стана една од најслушаните во клубовите. И додека на професионален план нижи успеси, деталите од приватниот живот ги чува подалеку од јавноста.

Минатиот септември за ,,Фокус’’ откри дека ја раскинал свршувачката со моделот Савка Грачанин, со која поминаа заеднички девет години, и како целосно бил посветен на кариерата.

Вики Клинчарова


Поврзани новости