Сега обвинителката го чувствува на своја кожа она што многу луѓе го почувствуваа на своја кожа кога таа ја играше главната ролја во обвиненија и предмети кои сомнително ги водеше и процесуираше
Ѕвонко ДАВИДОВИЌ
Ѓаволот секогаш доаѓа по своето, велат старите. Ѓаволот дојде и по оние кои со ѓаволот се играа, кокетираа, шуруваа и ќаруваа.
Се обидуваа од црно да направат бело и на сите критики за исполитизираноста и заробеноста на институциите се правеа недоветни негирајќи дека политиката е навлезена секаде, особено во правосудството.
Негираа затоа што не беа лично засегнати по принципот на онаа стара приказна од фашистичка Германија и затоа што беа наградени за својата послушност преку напредувања.
Лесно беше да викаат што ме засега што ги прогонуваат Евреите, јас не сум Евреин и си молчеа. Ги прогонуваат комунистите, си молчеа, затоа што не се комунисти.
Сега кога почнува нивниот прогон не останува никој да се буни и да ги слушне. Истите тие кои сега повикуваат на помош странски амбасади и странски обвинители молчеа се додека не се самите засегнати.
ШУРУВАА СО ВЛАСТА
Би било добро да се потсетат што се правеа и како тврдеа дека нема политички притисок во миговите кога тоа им одговараше и додека шуруваа со власта затоа што имаа корист.
Добро е да се сетат како премиерот излегуваше на телевизија, на јавни дебати и партиски митинзи и го известуваше народот за сите детали од истрагите во тек , кој се тајни и лицитираше со казни во судските предмети кои беа во тек.
Информациите можеа да дојдат само од изворот на истрагата што покажуваше колку е обвинителството самостојно и неисполитизирано.
Истата обвинителка и обвинителството за организиран криминал му обезбедија на премиерот пратенички гласови од опозициските пратеници кои беа обвинети па амнестирани.
Законот за амнестија и мислењето за поднесените барања за амнестија ги работеше истиот обвинител.
Тој обвинител се фалеше како заборава намерно луѓе во притвор, ништо не превземаше кога протекуваа информации и записници од истраги во јавноста и кога јавно им се закануваше на судиите од Апелацискиот суд сакајќи да влијае на нивните одлуки за притвор.
Кога некој се однесува како да е во камено доба и се дружи со Кременко ќе добие камен по глава кога најмалку очекува.
КРИК ЗА ПОМОШ
Изјавата на обвинителката и нејзиниот плачлив крик за помош потврдуваат дека извршната власт има огромно и пресудно влијание на обвинителството но потврдува, што е уште полошо, дека со таквиот притисок не може да се справи.
Ако обвинител кој раководи со обвинителството не може да се справи со притисокот, што останува за обичниот граѓанин.
Сега обвинителката го чуствува на своја кожа она што многу луѓе го почуствуваа на своја кожа кога таа ја играше главната ролја во обвиненија и предмети кои сомнително ги водеше и процесуираше.
Не помалку плаши и застрашува што ваквото јавно ветување за обелоденување на докази против функционер кој работи на слична проблематика и раководи со исклучително чувствителна институција се сведува на препукување по портали, а не со покренување на обвиненије ако веќе навистина има докази.
Слично е и со противникот на обвинителката, па не би ги повторувал истите работите и за него,освен што не можам а да не кажам дека личат на мали деца.
Со ваквото однесување и ваквите афери, кои станаа секојдневие, само им даваме аргументи во рака и на странците кои велат дека не сме дозреани и доволно возрасни за во ЕУ.
Што се однесува, пак, до рејтингот на двете институции, да сум на местото на едниот, не би го ни спомнувал, би се засрамил, затоа што и на двете институции и на двата функционера рејтингот е одвај над нулата.