Текстот е објавен во бројот 1157, на 6.12.2017 година, во неделникот „Фокус“
Врховниот суд неодамна им ја укина доживотната казна затвор на обвинетите во случајот „Монструм“, бидејќи пресудата била неразбирлива и противречна. Не се утврдило кој точно ги убил момчињата и кои „улоги“ ги имале обвинетите. Забележаа и дека доказите биле тенки, па затоа на повтореното судење инсистираат на нови докази. За врховните судии виси и сведочењето на загрозениот сведок Е-1!
Пишува: Валентина ВУРМО
По пет ипол години поминати зад решетки, четворица од обвинетите во случајот „Монструм“, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута, излегоа на слобода. Тие беа осудени на доживотна казна затвор, со две неправосилни пресуди, но ситуацијата вртоглаво се смени, кога Врховниот суд, неодамна, ги укина овие пресуди и случајот го врати од почеток.
Оваа одлука ја донесе советот на Врховниот суд во состав на претседателот на судот и на советот Јово Вангеловски, како и судиите Џемали Саити, Фаик Арслани, Шпенд Деваја и Рахилка Стојковска. Од Врховниот суд не откриваат дали одлуката била донесена едногласно, предочувајќи ни дека Записникот за советување и гласање според закон се запечатува. Од таму исто така не предупредија дека е казниво изнесување на такви информации.
Без оглед дали одлуката била донесена 5:0 или некој од судиите се спротивставил, сепак, очигледно е дека таа ја разбранува јавноста и предизвика измешани чувства и емоции. Семејствата на обвинетите се пресреќни што повторно можат да бидат заедно со своите најмили, а семејствата на убиените момчиња кај Смиљковското езеро, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Филип Славковски, како и рибарот Борче Стевковски, пак, доживееја нов удар. За нив овој кошмар никако да заврши, туку повторно и повторно го преживуваат.
– Раната никогаш нема да ни заздрави, но со тоа што ги пуштија на слобода ни забодеа уште еден нож во неа. Можеби е добро што ќе има повторено судење, бидејќи треба да се откријат сите извршители и учесници во масакрот, но не можеме да прифатиме дека излегоа на слобода, ни изјави Раде Славковски, татко на убиениот Филип.
ВРХОВЕН СУД: ПРЕСУДАТА Е НЕРАЗБИРЛИВА И ПРОТИВРЕЧНА!
Пресудата на Врховниот суд со кој се укинаа доживотните казни затвор за обвинетите во „Монструм“ е распослана на 20 страници. Покрај жалбените наводи на одбраната и ставот на обвинителката Лилјана Спасовска, судот во детали образложува зошто пресудата се укинува.
Ја оценуваат како неразбирлива и противречна на самата себе.
„Во образложението на пресудата не е јасно од кои причини судот се раководи при наоѓањето, дека обвинетите се сторители на делата кои им се ставаат на товар, притоа судот не извршил соодветна анализа на доказите и не се наведени причините за релевантни факти, кои се однесуваат на законското битие на предметното кривично дело“, се наведува во пресудата на Врховниот суд.
Највисокиот суд открива дека осудителните пресуди се темелат на исказите на загрозениот сведок Е-1 и на исказот на обвинетиот Хаки Азири, кој го дал во истрага, кога имаше статус на загрозен сведок. Додека, пак, мотивот го утврдиле со изјавите на четворица сведоци на убиството Роми, кои според обвинителството и судот не биле ликвидирани, бидејќи целта на нападот биле Македонци.
„Изведените докази, содржани во исказите на загрозениот сведок Е1 и сведоците А.Б., Н.К, Н.Д. и Б.М., не даваат одговор на прашањата кои се директните извршители на повеќекратното убиство. Одговорот на ова прашање не произлегува ниту од одбраната на обвинетиот Хаки Азири дадена во истрага, ниту тоа произлегува од извршената обдукција, од кои судот го утврдува начинот и причините за смртта кај убиените, се наведува во пресудата.
Врховните судии посочуваат дека од исказот на вештото лице прецизно не било утврдено времето на настанување на смртта кај убиените, бидејќи во наодот е даден широк рамковен период од 10-24 часа.
Тие исто така потенцирале дека пониските судови не утврдиле кој од обвинетите со какво оружје пукал, туку заклучокот го носат од еден разговор помеѓу обвинетите Алил Демири и лице чиј идентитет не бил утврден во истрагата. Демири и ова лице со прекар Бербер, во разговорот споменуваат буре, а според обвинителството ова било шифриран збор за пиштол?!
„Пониските судови со сигурност не утврдиле, кој со што пукал, туку оваа околност ја заклучуваат од индиции кои произлегуваат од исказот на Хаки Азири и особено од телефонскиот разговор на обвинетиот Алил Демири, со лице со прекар Бербер, кога тие го употребуваат зборот бурето, што според првостепениот суд значи пиштол.
Во овој контекст Врховниот суд смета овие докази, во оваа фаза на постапката треба да содржат поголема доказна вредност, за да се утврдат правно релевантни факти“, се наведува во пресудата.
И ВРХОВНИОТ СУД СЕ СОМНЕВА ВО ИСКАЗОТ НА ЗАГРОЗЕНИОТ СВЕДОК „Е-1“
Читајќи ја пресудата на Врховниот суд може да се заклучи дека истрагата за петкратното убиство била спроведена површно, односно не биле обезбедени сите потребни докази, за да се изгради цврсто обвинение, а потоа на него да се заснова и убедителна пресуда.
– Судот наоѓа дека теоријата на случај на јавното обвинителство, која се гради на исказите на загрозениот сведок Е-1 и исказот на Хаки Азири даден во истрага, надополнета со останати докази, не го докажува случајот надвор од секое разумно сомнение, заклучиле врховните судии.
Тие во прашање го доведуваат дури и загрозениот сведок, посочувајќи на неговите контрадикторни изјави. Односно, потенцираат дека овој сведок Е-1 бил сослушан неколкупати во текот на постапката, при што се утврдиле суштински разлики во неговото сведочење. Посочуваат дека во истрагата како еден од извршителите сведокот го препознава лицето Алмир Дрпљанин, кој, пак, воопшто не е обвинет во оваа постапка.
На сведочењето на загрозениот сведок постојано реагираше и адвокатот Насер Рауфи, кој тврди дека целиот предмет е монтиран како што вели на наивен начин, преку загрозениот сведок. Тој појасни дека на загрозениот сведок, за време на истрагата, му биле дадени 48 фотографии, а тој требало да ги препознае учесниците во грозоморниот чин. Сведокот рекол дека ги препознал ликовите под број 2, 11, 17 и 29, односно ги видел кај Смиљковското езеро. Како што појасни Рауфи, сведокот наводно ги препознал обвинетите Сами Љута и Фејзи Азири. На фотографијата со број 11, иако бил ликот на Алмир Дрпљанин, сведокот рекол дека е Агим Исмаиловиќ. И четвртиот лик кој наводно го препознал е Абдул Јашари, кој исто така не е опфатен со обвинението. Токму затоа одбраната побарала да се најде Абдул и да се повика како сведок, но судот никогаш не сторил напор да го пронајде.
Тој тврди дека сведокот погрешно го опишал и обвинетиот Сами Љута.
– За Љута загрозениот сведок кажал дека има долга коса, го препознал, го видел на дистанца од 50 метри, дека имал црна кожна јакна и фармерки, а претходно кажал дека имал тексас јакна, дека имал долга коса таласеста, превиткана на раменици. Љута, пак, никогаш намал долга коса, за што приложивме и доказ во судот. За Агим Исмаиловиќ вели дека имал брада со големина од четири-пет прсти, а потоа брада како на јарец, меѓутоа овој обвинет секогаш имал брада од 0,5 милиметри, вели Рауфи.
Тој додава дека овој сведок обвинетите ги опишал во облеката која ја носеле на денот кога беа уапсени, а снимките ги пренесуваа сите медиуми!
Адвокатот додава дека сведокот бил најден дури пет ипол месеци по настанот, што според него значи дека е лажен, зашто обвинителството било под притисок да конструира случај и да напише обвинение, бидејќи рокот му истекувал за 15 дена.
ЗОШТО ДРПЉАНИН НЕ БИЛ ОПФАТЕН СО ИСТРАГАТА?
Иако загрозениот сведок го посочил Дрпљанин како едно од лицата кои ги видел кај Смиљковското езеро, сепак тој никогаш не беше осомничен во овој случај.
Тој по четири месеци од петкратното убиство беше уапсен во Косово, а во 2016 година беше екстрадиран во Македонија, поради тоа што претходно беше осуден на казна доживотен затвор.
Имено, тој во 2010 година, во отсуство беше осуден за нападот врз патрола на „Алфите“ кај Природно математичкиот факултет, во ноември 2008 година, кога беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги останаа тешки инвалиди.
Извор на „Фокус“ од разузнавачките кругови потсетува дека кога Дрпљанин беше уапсен во Косово, на 26 јули 2012 година, во неговиот стан покрај големо количество оружје, била пронајдена и лична карта на првообвинетиот во „Монструм“ Алил Демири, кој е во бегство во Косово, факт што според нашиот соговорник укажува на врска помеѓу двајцата.
Нашиот соговорник дури прави и паралела на двете убиства кај ПМФ и кај Смиљковското езеро, односно потенцира дека и во двата случаи се користеле возила од Косово, лажни таблички, двете убиства биле извршени свирепо, и во истата оперативна зона Сингелиќ-Гази Баба.
Дека во петкратното убиство учествувале повеќе од шестмина, колку што беа обвинети, се признава и во самото обвинение и во пресудата. На неколку места, во делот каде што се објаснува подготовката на петкратното убиство и неговото извршување се споменуваат НН лица, или лица со непознат идентитет. Според обвинителството, овие НН лица, заедно со дел од тогаш обвинетите го разгледувале теренот околу Смиљковското езеро, или биле задолжени за логистиката на убиството, односно избирање на местото, на жртвите, како и бегање од местото на злосторството. Во НН лица слободно можат да се стават и нарачателите или креаторите на овој морбиден чин, кои до ден денешен останаа непознати. Овие непознати лица си останаа анонимни и се до завршувањето на судскиот процес, зашто како НН се споменуваат и во првостепената пресуда.
„НАПРАВИВМЕ ГОМНАРИЈА – УБИВМЕ ЧОВЕК“
Другиот исказ врз кој обвинителството го изгради овој случај е и оној на обвинетиот Хаки Азири, но во времето кога беше заштитен сведок. Тој тогаш кажал дека неговата улога била да ги пречека обинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ на обиколницата кај Качанички пат бидејќи, како што наводно му рекле, имале нерасчистени сметки со некого.
Во 23 часот тој добил телефонски повик од Алил Демири при што се договориле наредниот ден, околу 12 часот напладне, да се сретнат кај Демири дома. Откако се сретнале, се упатиле кон Сингелиќ кај Африм Исмаиловиќ, кој му рекол дека денеска ќе направат нешто поради нерасчистени сметки и го упатил истиот ден во 18 часот да го земе брат му Агим од дома и да го однесе во Топанско поле.
По договореното, Демири го сторил тоа и видел како Агим влегува во автомобил марка „опел омега“ – црвена боја кој бил паркиран на автобуската постројка. Агим го запалил автомобилот и се упатил во непознат правец. Потоа, по договорениот план, сам со својот автомобил марка „мазда“ се упатил кон обиколницата и чекал да дојде 19:20 часот и според планот да се појават Африм Исмаиловиќ и Алил Демири. Околу 20:00 часот, зад него се паркирало возило. Според неговите зборови дадени во истрагата, не можел да види кој се има внатре, но во неговото возило влегле Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
„Тие кај себе немаа оружје, носеа црни капи, но јасно им го видов ликот. Имаа ракавици и на себе носеа црни тренерки. Ги прашав што се случи, а Африм ми одговори: Направивме гомнарија, убивме човек, вози кај тебе дома. Тргнав со автомобилот, возев право, ништо не ги прашав ниту пак тие двајца разговараа“, изјавил Азири додека ја имал улогата на загрозен сведок.
Но, набрзо тој се откажа од заштитата и стана еден од обвинетите. За претходниот исказ велеше дека го дал под присила и бил психички малтретиран.
– Можеби некој може да го издржи притисокот, но јас не можев, во МВР ми рекоа што да кажам пред истражен судија, ми ветија дека ќе ме пуштат дома. Не ги познавам тие што ми се закануваа, но никој не ми го гарантираше животот, можеа да ме убијат. Сега судењето е јавно и затоа кажувам сите да слушнат, немам никаква врска со убиството, рече Азири на едно од судењата.
Судот, пак, и понатаму му поклони верба на исказот кој Азири го даде во истрага, бидејќи посочуваше дека неговиот контакт со другите обвинети го докажуваа и телефонските разговори обезбедени со ПИ-мерки. Но тој се бранеше дека контактирал со Алил Демири бидејќи се братучеди и се на иста возраст, а на денот на убиството телефонот му бил исклучен бидејќи не сакал да оди на работа. Со Агим Исмаиловиќ, пак, имал само два телефонски разговори, во деновите по критичниот настан, а како што посочил, се слушнале бидејќи се познаваат.
– Анализирајќи ги овие околности, Врховниот суд смета дека утврдената фактичка состојба е погрешно и нецелосно утврдена, ова дотолку повеќе што, ако прифатиме дека исказите на загрозениот сведок и одбраната на Хаки Азири, се основата, на која судот ја заснива теоријата на докажување, истите како такви не обезбедуваат континуитет на утврдениот заклучок од страна на пониските судови, особено ако се има во предвид и разликите кои се појавуваат од исказите на овие лица, во однос на тоа, каде се наоѓал обвинетиот Агим во 18 часот критичниот ден, дали на Смиљковското Езеро според исказот на загрозениот сведок, или во населбата Топанско поле, според изјавата на Хаки Азири, кој вели дека го зел од населба Сингелиќ и го однел на последна станица на автобуска линија бр 9, а првостепениот суд не сторил доволно напори оваа контрадикторност да ја расчисти, се наведува во пресудата на Врховниот суд.
КАДЕ ИСЧЕЗНА ВОЗИЛОТО „ОПЕЛ ОМЕГА“?
Судот заклучил и дека со првостепената и второстепената пресуда е сторена повреда на правото на одбраната на обвинетите, со тоа што на обвинетите и на бранителите им било оневозможено во текот на постапката, пред првостепениот суд да извршат увид во патничкото возило „опел омега“.
Три дена по петкратното убиство, тогашната министерка Гордана Јанкулоска на прес конференција соопшти дека е пронајдено возилото со кое се превезувале извршителите на Велигденскиот масакр. Црвена „опел омега“ беше еден од клучните докази на МВР, кој беше пронајден во близина на местото викано Вражји вир, на десетина километри од Смиљковското езеро.
МВР, а потоа и обвинителството, тврдеа дека во автомобилот било пронајдено и едно влакно кое укажувало на ДНК на обвинетиот Алил Демири. Наводно, тој седел на задното седиште, од десната страна, бидејќи на потпирачот на седиштето било најдено влакното.
Но одбраната се сомневаше во пронајдениот доказ, па бараше од судот да им дозволи да го видат возилото, бидејќи на прашање до вештакот дали на седиштата имало навлаки, тој одговорил дека не знае и дека само го вештачел влакното кое му било донесено. Токму затоа, од одбраната инсистираа да го видат возилото, но нивното барање било одбиено барем десетина пати.
– По неколкуте барања, судијата прифати и дури и закажа датум кога да одиме да го видиме возилото, но подоцна ни кажа дека сепак нема да може да направиме увид, бидејќи обвинителството не се согласило, вели адвокатот Насер Рауфи, кој додава дека во ваков случај одлуката не ја носи обвинителството, туку судот.
Односно, Интерпол го најде сопственикот на возилото, кој живеел во Швајцарија, а неговиот татко го однел во Качаник – Косово каде што, како што рекол, го продал на непознато лице.
– Останале неутврдени фактите по однос на наслоните за глава во задниот дел на возилото, а видено од фотографиите, тие се различни по структура, при што го доведуваат во прашање фактот од кое возило се, потоа кој е бројот на шасијата, каде се било регистрирано возилото, дали наслоните за глава на задниот дел се фиксни, или истите можат по потреба да се извадат, монтираат, демонтираат, како и со каква материјална структура се тие наслони, се потенцира во одлуката на Врховниот суд.
Меѓу доказите недостасувале и пет чаури, кои никогаш не биле пронајдени, а до ден денес не се најдени ниту двете автоматски пушки и пиштолот со кои беа ликвидирани жртвите.
ВРХОВЕН СУД: ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ НОВИ ДОКАЗИ!
Се уште не е познато кога ќе започне повтореното судење за случајот „Монструм“ и дали повторно предметот ќе биде во рацете на судијата Ивица Стефановски. Како што неофицијално дознаваме, судијата е на боледување, поради што се исклучува можноста предметот да се падне кај него.
Новиот судија ќе има тешка задача, бидејќи Врховниот суд дава прецизни насоки кои ќе мора да се испочитуваат, но бара и да се обезбедат нови докази, што е многу тешко, ако се има предвид дека поминаа пет ипол години од масакрот.
– При повторното постапување, да се изврши повторна оценка на веќе изведените материјални и вербални докази, да се изведат и нови материјални докази, со кои потполно и целосно би се утврдиле решителните факти, правилно да се примени Кривичниот законик, а потоа да се донесе правилна и законита пресуда, посочуваат од Врховниот суд.
Исто така, врховните судии укажуваат дека пониските судови не утврдиле на кој начин и со кои дејствија, секој од обвинетите учествувал во извршувањето на кривичното дело. Од таму го доведуваат во прашање и кавалифицирањето на извршеното кривично дело, кое е посочено како Тероризам.
– По однос на квалификацијата на кривичното дело Тероризам, во списите на предметот не постојат непосредни докази, кој и на кој начин го извршил повеќекратното убиство, како едно од конститутивните обележја на ова кривично дело. Исто така, од изведените докази не произлегува ниту второто обележје на ова кривично дело, односно не е утврдена постоење на умисла, односно намера за создавање на чувство на несигурност, или страв, кај неопределен круг на лица. Ова особено со оглед на фактот дека дејствијата на одделни дела се појавуваат како комплексно дејствие на извршување на ова кривично дело.
Засега останува неизвесно и дали СЈО ќе го преземе случајот, иако тоа беше најавено уште пред две години, кога со работа почна ова обвинителство. Останува да се почека дали новите докази кои ги бара Врховниот суд ќе произлезат од „бомбите“, па мистеријата околу овој случај конечно ќе се открие.
„Фокус“ пред околу една година објави дека незаконски биле прислушувани четворица од обвинетите. Според податоците со кои располагаме, најдолг период бил прислушуван Демири. Поточно, незаконското следење на неговите телефонски комуникации почнало две години пред да се случи Велигденскиот масакр, односно од февруари 2010 година и траело до крајот на годината. Прислушувањето продолжило и првите десет дена од 2011 година.
Демири нелегално бил прислушуван и на 20 април 2012 година, или осум дена по Велигденскиот масакар, кога му биле прислушувани разговорите на двата телефонски броја.
Осум дена по крвавиот настан кај Смиљковското езеро нелегално бил прислушуван и Агим Исмаиловиќ, а за неговиот брат, иако имаме информација дека и тој бил прислушуван, немаме точен податок во кој временски интервал.
Таргет на службите, без дозвола од судот, во одреден период бил и Фејзи Азири, кој незаконски бил прислушуван 34 дена, но откако се случило петкратното убиство. За него службите најмногу се интересирале во септември и октомври 2014 година, односно во периодот откако веќе е во затвор и осуден со првостепена пресуда. Она што е нејасно, е што сакале да дознаат од Азири вработените во УБК, дури две години по крвавиот настан?
Прашања има безброј, а одговори воопшто. Единствен непобиен доказ е дека Александар, Цветанчо, Кире, Филип и Борче, повеќе ги нема. Беа егзекутирани со 21 куршум!
ОБВИНЕТИТЕ МОЖЕЛО ДА СЕ ДРЖАТ ВО ПРИТВОР УШТЕ 4 МЕСЕЦИ?
Врховниот суд неодамна одлучи да им го укине притворот на обвинетите во „Монструм“ по што по пет ипол години поминати зад решетки, излегоа на слобода. Ваквата одлука врховните судии ја правдаат единствено со фактот што пресудата за овој случај е укината.
– Со оглед дека пресудите се укинати, Врховниот суд најде дека со други превентивни мерки ќе се обезбеди присуството на обвинетите во текот на постапката. Поради тоа, судот одлучи овие обвинети да се пуштат на слобода веднаш, а им ги определи другите превентивни мерки со кои се обезбедува присуство на обвинетите, се вели во одлуката на Врховниот суд.
Таму се додава дека обвинетите не смеат да го напуштат градот во кој живеат и дека имаат обврска двапати неделно да се пријавуваат во Кривичниот суд.
Иако за одбраната беше очекувано обвинетите да излезат на слобода, сепак дел од јавноста остана шокирана. Правниците кои ги консултиравме истакнуваат дека постоела правна можност овие обвинети да се задржат во притвор уште максимум четири месеци.
Законот за кривична постапка предвидува дека обвинетите не можат да се држат во притвор повеќе од две години, сметано од периодот на подигање на обвинителен акт до првостепената пресуда.
Според математиката и според досегашната пракса на Кривичниот суд, од подигањето на обвинение па се до првостепената пресуда со која беа осудени на доживотен затвор обвинетите поминале една година и осум месеци во притвор, што значи дека им преостануваат уште четири месеци, согласно закон, да ги држат затворени. На овој начин, повеќе од три години во притвор беа држани обвинетите во случајот „Ровер“.
Сепак, во прилог на обвинетите во „Монструм“ оди праксата на Судот за човекови права во Стразбур, кој предвидува дека и за делата терорзиам, не е дозволиво обвинетите да се држат во затвор повеќе од четири години пред правосилноста на пресудата.
ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЛОБОДНО ГИ ТОЛКУВАЛО „ШИФРИРАНИТЕ“ РАЗГОВОРИ НА ОБВИНЕТИТЕ
Како докази во случајот „Монструм“, во првостепената постапка, беа приложени и транскрипти од разговорите на обвинетите, кои ги имале меѓу себе или со непознати лица, деновите по петкратното убиство.
Овие разговори во целост се објавени во првостепената пресуда, а од она што може да се забележи е дека обвинителството прави слободно толкување, посочувајќи дека обвинетите зборувале во шифри.
Така, на пример, во еден разговор се спомнува буре, кое требало да се фрли во канал, а обвинителството толкува дека бурето е всушност пиштол, кој обвинетите се договарале да го фрлат.
Или, пак, во еден од разговорите се зборува за храна, за стек и батак, а едниот соговорник вели дека батакот бил многу мрсен, па не можел да го изеде, а неговиот пријател лесно го изел стекот. Обвинителството овој разговор го толкува, па вели дека стекот се момчињата кои полесно биле усмртени, а батакот бил Александар, во чите тело завршиле најмногу куршуми и од пиштол и од автоматско оружје. Па кога велел дека батакот бил мрсен, и го оставил до пола, значело дека не можел да го докрајчи момчето.