Собраниската комисија од Управата за безбедност и контраразузнавање не ги доби бараните одговори, туку само скудни информации и пет странички текст за една класифицирана информација, иако ги побаравме сите протоколи, процедури, изјави претседателот на Комисијата, Хари Локвенец, по денешната посета на УБК.
Што се однесува до прашањето како снимките од кабинетот на Никола Груевски направени како ПИМ мерки завршиле во провладините медиуми и на интернет, одговорот од УБК бил дека не добиле налог да го истражат тоа.
-Со ова само уште еднаш се потврди дека власта нешто крие и не сака суштински надзор над работењето на УБК. Очигледно власта во заминување сака да избега од соочување со прашањата поврзани со незаконското прислушување, рече Локвенец.
Претходно, Комисијата побарала одговор од Врховниот суд дали има наредби издадени од судот за следење на комуникациите во периодот од 2007 до 2014 година. Одговорот бил дека нема издадено такви наредби.
-Од друга страна, бројот на издадените судски наредби, објавен од Јавното обвинителство, во Извештајот за примена на посебните истражни мерки во 2014 година, не соодејствува со бројот на судските наредби за 2014 година евидентирани во УБК. Бројот на прикажани судски наредби во УБК е поголем од оној кој е даден од Јавното обвинителство на РМ. Како е тоа можно? Овие факти отворија прашања кои мора да бидат одговорени, во интерес на граѓаните на Република Македонија, истакна Локвенец.