Локвенец: Прилепската болница е во клиничка смрт, бебиња се раѓаат во студени сали!

by Фокус

Прилепската болница е доведена на раб на катастрофа, нема греење и топла вода ниту во болничките соби, ниту во амбулантите, ниту во операционите сали, обвини денеска Хари Локвенец, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Тој објасни дека како и претходнaта година, како што рече, по заслуга на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и оваа зима пациентите и докторите ќе мора од дома да си носат греалки за да се згреат.

-Сметката на болницата е блокирана за долг од околу 120 милиони денари, набавката на мамограф за рано откривање на малигни болести никако да се случи, а во сите одделенија недостигаат апарати и специјалистички кадар. За хаосот и ужасот во болницата да бидат комплетни, пациентите се приморани голем дел од лековите да си ги купуваат самите. Вака ли Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го замислуваат здравството во 21-век?, праша Локвенец.

Тој заклучи дека прилепската болница „Борка Талески“, според речникот на лекарите се наоѓа во „клиничка смрт“.

-Сакам да упатам неколку прашања до министерот за здравство Никола Тодоров: Дали тој лично би се лекувал во болница, во која нема лекови и основни средства за хигиена? Дали би ја донел својата сопруга на породување во „камен ладна“ родилна сала и гинеколошко-акушерско одделение кое едвај функционира со двајца гинеколози?, праша Локвенец.

Тој од Никола Тодоров, кој го нарече универзалн министер во Владата на Груевски, побара веднаш да се откаже од замајувачките и нефункционалните проекти како „ало докторе“ и да се зафати со решавање на суштинските проблеми во прилепската болница.

 

Поврзани новости