Контрадикторни се одлуките на Советот на обвинители и Судскиот совет во однос на постапките околу обвинителката Ленче Ристоска и претседателката на Советот Весна Дамена, вели во интервју за РСЕ министерот за правда Кренар Лога.
-Со многу загриженост ги следиме сите настани таму. Веќе го имаме кажано нашиот став – дека ова нема да придонесе за зголемување на довербата во правосудниот систем. Очекувам и повикувам на разум и што побргу сите овие настани да се минато во нашето општество и нормалната работа да биде дел од работата во иднина на овој орган, што е многу значаен за правосудниот систем – рече Лога.
Според него, во правосудниот систем има двојни аршини.
-Од пред два месеци имавме извештај од надзор на Судот во Куманово, каде од осум точки претседателот на судот не исполнува седум од нив, меѓу нив и за АКМИС, кој бил манипулиран од таа страна. Извештајот е поминат на Судски совет и за жал, не е преземена никаква мерка. Јас, исто така, имам испратено писмо до Советот-зошто и од кои причини немаме реакција од нивна страна. И ќе барам, како што имам најавено, да присуствувам на Судски совет во делот каде што како министер имам право да присуствуван на седница на Судски совет – рече Лога.
Во врска со работната група за измена на Уставот која е конституирана без поддршка од опозицијата, тој вели дека му е жал што ВМРО-ДПМНЕ не е дел од оваа група.
-Во неколку изјави ВМРО-ДПМНЕ има дадено простор дека ќе ги подржи уставните измени, и тоа најмалку два пати. Нивниот лидер еднаш рече дека бара цврсти гаранции од ЕУ, па кажа дека ќе имаат позитивен став ако имаме формулација како во Хрватска. Така да, ако ВМРО не најде сила како една од најголемите политички партии, внатре во ВМРО-ДПМНЕ ќе се најдат вистинските луѓе кои знаат да ја препознаат иднината на државата, дека нема друг пат, бидејќи ова што се бара и очекува од нас мора да се исполни – смета Лога.