Работната група за изборни реформи, оформена од Министерството за правда, денеска ја имаше конститутивна седница.
Во работната група се вклучени претставници на политичките партии, институции надлежни са спроведување на изборните процеси – ДИК, ДКСК, ДЗР, МИОА, МВР – претставници на невладини организации и синдикати. Претседател на работната група е Александар Новаковски, експерт и поранешен претседател на ДИК.
Целта на работната група е имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и работа на нов Изборен законик.
Министерот за правда, Кренар Лога, истакна дека преку претставници од министерството ќе го даде својот придонес во работата на група, а воедно ги повика ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат во процесот со членство во работната група и преку предлози и иницијативи.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да престане со `малтретирање на јавноста преку медиумите`“ порача Лога.
Новаковски, пак, по завршување на средбата истакна дека денеска се договорија одредени работи што се клучни за отпочнување на работата на работната група.
„Се договоривме да започнеме со имплементирање најпрвин на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, а потоа ќе се работи на нов Изборен законик. Се надевам дека ќе излеземе со предлог и дека ќе успееме да ги запазиме роковите кои се утврдени со некои европски стандарди и овие измени да бидат во еден период од 6 месеци пред изборите“, изјави Новаковски.