Лога со писмо до меѓународната заедница: Бугарија да ги почитува пресудите од Европскиот суд за човекови права

by Fokus

Министерот за правда Кренар Лога со писмо ја информира меѓународната заедница за неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија.

Министерот испратил дописи до Амбасадата на САД во РСМ, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ и Програмската канцеларија на Советот на Европа.

„Во дописот кој е испратен заедно со 14-те пресуди посочено е дека Министерството за правда бара поддршка од меѓународната заедница во делот на унапредувањето и заштитата на човековите права. Исполнувањето на оваа цел подразбира постоење на континуирана заложба и за доследно почитување на меѓународните обврски кои Република Северна Македонија ги има превземено како земја која моментално е во процесот на евроинтеграции“, соопшти Министерството за правда.

Почитувањето на меѓународни документи е исклучително важен сегмент за кој особено земјите членки на ЕУ, но и земјите кои претендираат да добијат членство во ЕУ е неопходно да се залагаат, велат од Министерството за правда.

„Меѓународната заедница претставува исклучително важен партнер на Република Северна Македонија кој е вклучен во сите реформски процеси и партнер кој несомнено цврсто и доследно се залага за почитување на владеењето на правото. Министерството за правда смета дека е од особена важност да се актуелизира прашањето за неспроведувањето на пресуди на ЕСЧП , истакнувајќи ја потребата од поддршка од меѓународната заедница за доследно спроведување на пресудите на судот“, соопшти Министерството за правда.

Поврзани новости