Министерот за правда Кренер Лога нема информација дека се преговара за нова амнестија надвор од таа која што тој ја најави за ослободување на капацитетите во затворите. Тој во изјава за ТВ 24 рече дека доколку евентуално се случи пазар меѓу СДСМ и ВМРО за амнестија за осудените за 27 април и за изборните нерегуларности, ќе има соодветен одговор.
– Такво нешто воопшто не е на маса за преговори. Но и доколку СДСМ, ДУИ и ВМРО ДПМНЕ договорат и се обидат да донесат, Алијанса за Албанците жестоко ќе се спротистави и ќе го блокира со милион амандмани, изјави Лога.
Mинистерот Лога преходно на социјалните мрежи објави форографии од лошите услови во затворите во кои затворениците ги издржуваат казните и напиша:
-Предлогот на законот за амнестија е итно потребен, дури е и со задоцнување. Држава која затворениците не ги третира како човечки суштества не може да се нарекува држава.
Министерот за правда не ги потпиша ниту контроверзните измени на Кривичниот законик кој дел од стручњаците го оценија како тивка амнестија.
Алијансата на Албанците нема да поддржи пазар меѓу СДСМ, ДУИ и ВМРО за амнестија на осудените за 27 април и за изборните нерегуларности, во замена пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ претходно изјавија дека ни на крајот на ум не им било да преговараат за амнестија и за уставни измени.