Министерот за правда Кренар Лога бил „убедуван“ 3 месеци да ги потпише измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се ублажија казните за делата „злоупотреба на службена положба“ и „злосторчничко здружување“, со што застаруваат или ќе застарат многу постапки против поранешни и сегашни функционери од разни политички провиненции, пишува неделникот „Фокус“.
Сепак, Лога одбил да ги потпише законските измени, па неговата заменичка Викторија Аврамовска-Мадиќ во име на Владата го бранеше предлог-законот во Собранието, кој помина со гласовите на СДСМ, ДУИ и другите владејачки партии. Иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше „против“, сепак, нејзините пратеници учествуваа на комисиска расправа и на пленарна седница, каде направија кворум за работа.
На тој начин, владата предложи, а парламентарното мнозинство изгласа законски измени во повеќе кривични дела поврзани со екологијата и животната средина, а се воведе и член за „безобѕирно управување со моторно возило“. Меѓу овие законски измени, протната беше и измена на фамозниот член 353, кој се однесува за „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Конкретно, со новото законско решение во став 1 се дообјаснува делото, така што тргнато е искористување на службена положба и овластување и дополнето е со повреда на правата на друг, а во став 2 предвидено е незаконско зголемување на имотот на службено лице како резултат на сторување на делото и казна затвор од 1 до 5 години.
Притоа, променет е став 3, каде што сега се предвидува дека сторителот ќе се казни со казна затвор од 1 до 4 години, што значи дека се воведува горна граница, од која се пресметува застареност. За споредба, во стариот закон немаше горна граница, туку санкцијата беше дефинирана на најмалку 3 години, што значи дека горната граница се поставува на максимално предвидените 20 години, па застареноста настапуваше за 40 години.
Дополнително, во став 4 за стекнување значителна имотна корист/штета се намалува казната затвор од најмалку 3 години на од 1 до 5 години затвор, додека целосно се брише ставот 5, каде што се предвидуваше затвор од најмалку 5 години за злоупотреба на службена положба при вршење на јавни набавки или на штета на Буџет.
Покрај тоа, подрастична промена се направи во делото за „злосторничко здружување“, регулирано со членот 394, кој во став 1 до вчера предвидуваше дека „Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од една до десет години“.
Меѓутоа, со усвоените законски измени во брза постапка, пропишаната санкција „до 10 години“ се намали на „до 3 години“, додека санкцијата пропишана на „до 5 години“ се намали на „до 2 години“. Тоа значи дека отсега застареноста би настапувала по истекот на 6, односно 4 години.
Инаку, неделникот „Фокус“ пишува дека експресните измени на КЗ, со кои се ублажуваат казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, постигнуваат неколку цели. Прво, се врши моментална амнестија на функционери од оваа владејачка гарнитура за кои има тековни постапки и идна амнестија на оние што би се нашле под прогон по промена на власта.
Второ, се подава рака кон ВМРО-ДПМНЕ, која декларативно беше „против“, но практично обезбеди кворум за овие измени, што воедно овозможуваат амнестија и на многу вмровски функционери, главно опфатени во предмети на СЈО. И трето, се врши делумна амнестија на експремиерот Никола Груевски, кому му застаруваат повеќе дела каде се гони.
Воедно, откриваме дека и на претседателот Стево Пендаровски му било предлагано да го помилува Груевски во делата каде е осуден, но тој одбил таква опција. Потоа, лидерот на ДУИ Али Ахмети разработил и почна да спроведува план за спас на Груевски, во замена за помош за уставни измени, но и за правење на проблеми во ВМРО-ДПМНЕ.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски