Лицемерие

by Фокус

Кога завршуваат мерките на владата, цените на лебот и на житата драстично растат. Ако во јануари 2022, во однос на 2021, растот на цената на овие производи бил 15 проценти, во април растот е 15,1 проценти во однос на претходната година, додека, пак, во септември е 47,2 проценти, што е повеќе и од растот во јануари

Пишува: Гордана ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

Неколку години наназад сме сведоци на една тактика што ја спроведува владата. Упорно ги убедува граѓаните дека работите се розови, иако ситуацијата е далеку од таква.

А што друго може да се очекува од влада која не може да направи план за две недели, а не, пак, за повеќе. Без јасен среднорочен економски план, резултати нема и затоа Македонија економски тоне.

ЛАГИТЕ ОКОЛУ ЕВРООБВРЗНИЦАТА

Да почнеме од последното, а тоа е актуелната состојба со издавањето на еврообврзницата. На 11 февруари, министерот за финансии кажа: „Направивме успешна трансакција. Успеавме да обезбедиме купон од 6,25 проценти“. Три дена подоцна, одекна информацијата дека еврообврзницата е откажана.

Владата се бранеше дека ова не е првпат и дека и други држави откажувале издавање на еврообврзница, но никогаш јавно не кажа дека другите држави се откажувале пред да се издаде еврообврзницата, а ние се откажавме откако веќе беше издадена и почна да се продава и на секундарен пазар.

Притоа, со оваа одлука, владата покажа дека во Македонија не постои континуитет, односно дека однесувањето на министрите е дека сѐ почнува од нив и сѐ завршува со нив.

Ваквото однесување со години нѐ чини многу, затоа имаме незавршени автопатишта, затоа се менуваат одлуките каде ќе се гради новиот клинички центар итн. А народот само страда, плаќа и не добива ништо.

Втората лага што ја зборуваа беше дека репутацискиот ризик не се променил. Зошто тогаш, три недели подоцна, за износ од 500 милиони евра, а не 600 милиони евра, како што беше првично, добивме повисока камата?

Што е каматата, ако не цената за ризикот. И додека на народот му продаваа розови приказни дека сѐ е во ред со цената што граѓаните ќе ја платат поради неодговорноста на владата е 18 милиони евра само по основ на камата.

Нема за лекови, нема за помош на стопанството, ама затоа има за покривање на неодговорното работење на владата.

И така, народот е посиромашен за над 20 милиони евра ако се додадат и сите други трошоци, кои двапати се правеа, а инвеститорите се фалат како подобро заработиле за истите нивни вложени средства, но само во три недели разлика. Само три недели разлика и огромен пропуст, кој чинеше многу.

ЦЕНИТЕ НА ЛЕБОТ И ЖИТАТА

Товарот што му се става на грбот на овој народ расте, а тој плаќа многу повеќе и од овие 20 милиони евра. Како? На тој начин што парите не се користат таму каде што се најпотребни, а цените вртоглаво растат.

На почетокот на минатата година, ВМРО-ДПМНЕ предложи неколку мерки, кои имаа за цел да го стопираат растот на цените на сите прехранбени производи.

Еден предлог беше намалување на акцизата за 50 проценти, а вториот намалување или стапка 0 на ДДВ за одредени производи. Спротивно на тоа, владата донесе одлука за замрзнување на трговските маржи за одреден временски период.

На тема енергетика, тука нема многу да пишувам, но граѓаните многу добро знаат дека ВМРО-ДПМНЕ беше против либерализација на пазарот на електрична енергија, кој донесе многу повисоки цени, а уништувањето на ЕСМ дополнително влијаеше негативно врз целата ситуација.

Откако помина една година, денес можеме да ги анализираме податоците од Државниот завод за статистика и да видиме кои предлог-мерки можеа да бидат поуспешни. Притоа, во оваа моја колумна ќе се осврнам само на податоците за леб и жита затоа што во моментов тоа е најболната точка за граѓаните.

Податоците на ДЗС јасно покажуваат дека во месеците кога завршуваат мерките на владата (замрзнување на трговската маржа и замрзнување цени) цените на лебот и на житата драстично растат.

Ако во јануари 2022, во однос на 2021, растот на цената на овие производи бил 15 проценти, во април растот е 15,1 проценти во однос на претходната година, додека, пак, во септември е 47,2 проценти, што е повеќе и од растот во јануари.

Тоа јасно покажува дека по вакви одлуки на владата, во кои нема помош за стопанството по завршување на мерките, цените драстично растат.

Доколку се прифатеа предлог-мерките на ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден од овие проценти немаше да порасне толку затоа што сите мерки беа насочени кон пониска финална цена и во исто време државата ќе се откажеше од еден дел од буџетските приходи, за да покаже дека навистина се грижи за граѓаните. Следствено на тоа, порастот на цените во септември немаше да биде ваков како што бил.

Наравоучение: не спинувајте кога некој зборува, целта е да сме способни да погледнеме што подалеку во иднината, да видиме нашите одлуки какви дела ќе создадат.

Вашите, за жал, ги уништуваат граѓаните. Пренесувањето на општествена одговорност само на една страна ќе го поскапи уште толку лебот кога мерката ќе заврши.

(Авторката е потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости