Граѓанската иницијатива „5 до 12“ денеска до 22 часот ќе кампува во паркот Жена Борец спроти Собранието.
На овој начин веќе трет пат овие лица се обидуваат да влијаат на јавноста да се преземат мерки со кои ќе им се олесни животот.
„Ги повикувам сите лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби, заедно со нивните родители и семејства, да ја поддржат иницијативата и заедно да покажеме колку нѐ има, и да кажеме дека не отстапуваме од нашите ставови, сѐ до конечно исполнување на нашите барања“, велат од граѓанската иницијатива „5 до 12“.
Сузана Стојановска, од здружението на лица со Даунов синдром „Трисомија 21“, вели дека ги повикуваат одговорните во Собранието и новата Влада, да дадат поддршка за изедначување на правата на лицата со попреченост, хендикеп или посебни потреби.
„Со Вашето присуство на настанот, ќе покажете дека ги почитувате лицата со попреченост, хендикеп или посебни потреби, и ќе се заложите за изедначување на нивните права согласно Уставот“, вели Стојановска.