Дијабетичарите се соочуваат со сериозен недостиг на ленти, игли сензори за деца и апарати за мерење на шеќер во крвта, а иако остварија средба со министерот за здравство Фатмир Меџити на која добиле уверувања дека МЗ ќе ги набави потребните работи, тоа се уште не се случи.
Затоа, како што велат, ќе следуваат претставки а не се исклучува ниту можноста за тужба.
–Прво ќе поднесеме претставки до Министерството за здравство. Сите што добиле од специјалист извештај за инсулин, за ленти, за глукомери и за антидијабетна терапија преку адвокат претставките ќе ги достават до министерството. Доколку министерството не одговори со позитивен одговор, ќе тужиме – изјави Димче Велев, претседател на Сојузот на дијабетичари за Сител.
Сојузот на здруженија на дијабетичари вчера испрати протестно писмо во кое посочија дека се дискриминирани и игнорирани од надлежните кои наместо да работат кон олеснување на животот на над 130 000 дијабетичари во земјава, тие им донеле само неизвесност поради недостигот на терапија.
Од Министерството за здравство изјавија дека сите договори за набавка на ленти се склучени а наскоро ќе бидат склучени и договорите за сензори за мерење шеќер, а воедно изјавија и дека во сите инсулински аптеки во земјава има доволни количини на инсулин и игли.