Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ соопштуваат дека новото раководство затекнало состојба на превработеност во градското претпријатие и голем број на фиктивни вработувања. Како што велат од таму, во работен однос биле и лица од Пустец, Албанија, кои не доаѓале на работа, а земале плата.
Од таму велат дека на овој начин бил оштетен буџетот на претпријатието. Меѓу 19 лица на кои им е прекинат работниот однос, затоа што биле незаконски вработени, се и лица чии квалификаци воопшто не одговарале на работното место.
„Биле вработени лица со образованиe музичар изведувач, аранжер во трговија, хотелско-туристички техничар, прехранбен техничар, медицински лаборант, продавач и сл. што е спротивно на актите на претпријатието, со што бил оштетен и буџетот на истото“, се наведува во соопштението од „Водовод и канализација“ откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини денеска дека над 20 вработени добиле предновогодишен отказ.
Како што соопшти претпријатието, станува збор за лица кои во текот на месец јули 2017 година пред одржувањето на локалните избори, засновале работен однос спротивно на закон, неисполувајќи ги бараните услови од објавените јавни огласи, во поглед на степенот и видот на образование.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје, постапувајќи по укажувањата и одлуките дадени од Државениот трудов инспекторат, донесе одлуки за престанок на работен однос на вкупно 19 вработени лица. За ова Државниот трудов инспекторат има поведено прекршочна постапка против ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и против поранешниот директор на претпријатието Александар Атанасов“, информираат од претпријатието.