Листеријата исчезна, откако Тодоров го откри виновникот

by Fokus

Опасната бактерија листерија исчезна, откако пред неколку недели министерот за здравство Никола Тодоров посочи дека кумановската прехранбена индустрија „Екстра Меин“ е главниот виновник за појавата на оваа болест. Во тој момент прекинаа секојдневните прес-конференции и соопштенија на здравствените власти и надлежните институции, кои скоро два месеци го бараа изворот на зараза.

По пет смртни случаи од вкупно десет заразени пациенти од опасната бактерија, наеднаш се испразни и скопската Клиника за инфективни болести, а од тогаш до денес нема пријавено и регистрирано ниту еден нов случај.

– Дел од пациентите, кои беа примени кај нас на клиниката сега се во добра состојба и се пуштени на домашно лекување. Во моментот немаме пациент на клиниката со потврдена листерија- истакна доктор Сања Маринковиќ, докторка од Инфективната клиника.

Тодоров дури поднесе и кривична пријава до Јавното обвинителство против непознат сторител, иако тој самиот јавно го посочи виновникот. Досега од таму нема никаква реакција – дали ќе се покрене истрага и против кого?

Сепак, и по три месеци остануваат нејасни прашањата – колку време им беше потребно на надлежните институции да го откријат изворот на опасната листерија, кој беше причина за пет жртви? Зошто сите надлежни институции излегуваа со контрадикторни изјави – дали има или не бактерија во месните производи на „Екстра меин“? Дали некој сака да влезе во бизнисот со месните прозиводи?

Целата приказна со опасната бактерија почна уште во јули, кога се појавија првите случаи. Оттогаш надлежните институции почнаа да го бараат изворот на зараза. Речиси два месеци им беа потребни за да го лоцираат „виновникот“, а во меѓувреме излегуваа со контрадикторни изјави и различни соопштенија. Најпрвин, од Агенцијата за храна и ветеринарство и Факултетот за ветеринарна медицина тврдеа дека листерија не е откриена во кумановската прехранбена индустрија, додека спротивно на нив, Комисијата за заразни заболувања што ја предводи Ѕвонко Миленковиќ тврдеше дека бактеријата  е пронајдена во производи на „Екстра меин“.

Сите тие препукувања траеја се додека првиот човек во здравството не пресече. Тој на прес – конференција ги соопшти сите детали и прстот на вината го посочи во фирмата со 20-годишна традиција позади себе.

– Нема никави дилеми. Изворот на зараза е „Екстра меин“ и тоа го покажуваат сите направени вонредни контроли и над 1.000 земени мостри и анализи. Нема друга компанија-  рече тогаш Тодоров.

Но, по неколку дена се појави документ дека и во друга фабрика за месна индустрија има листерија. За тоа потврди и директорот на АХВ, Дејан Рунтевски, а кујната во гостиварската болница која ги набавува месните производи од таа фабрика беше експресно затворена. Сепак, крајниот одговор гласеше дека таму не е откриена листерија.

Кумановската фабрика моментално е затворена, производството е стопирано, а месните производи се повлечени од сите продавници. „Фокус“ неколку пати се потруди да стапи во контакт со директорот на „Екстра меин“, Благоја Бајдевски, но не успеавме да го добиеме.

 

 

Поврзани новости