Лисабонската декларација

by Фокус

Претседателите и премиерите на државите-членки на ЕЗ сепак ја усвоија злогласната Лисабонска декларација, со која изразија подготвеност да ја признаат нашата држава ако во нејзиното име не е содржан зборот „Македонија“. Благодарејќи на претседавачот Португалија која го кроеше дневниот ред и ги подготвуваше документите, Грција го доби тоа што го посака.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Не можев ниту да претпоставам дека, паралелно со утешителните зборови за заемно прифатливо решение на кои се посветени, Португалците, претседавачите со Заедницата, ни го подготвуваат конечниот удар на самитот во Лисабон, од 26 и 27 јуни 1992, на кој државите-членки целосно ќе се солидаризираат со грчкото барање за името. Можеби е поправедно да речам дека тие ништо не подготвуваа туку само го сервираа тоа што грчката надворешна политика го зготви.

Претчувствувајќи дека може нешто лошо да се случи, без можност да учествуваме на било кој начин во одлуката, тој ден со претседателот Глигоров вртевме телефони во безуспешен обид да го добиеме Пињеиро. Од некакви извори сепак успеавме да ја добиеме нацрт-резолуцијата, што беше катастрофална за Македонија.

Имено, во резолуцијата, изразувајќи ја подготвеноста да не признаат, државите-членки го зајакнуваат условувањето на тоа признавање со констатацијата дека ќе го сторат тоа „под име што нема да го содржи зборот Македонија“.

Одејќи понатаму од кога било дотогаш во пресрет на барањата на својот партнер Грција, ЕЗ за прв пат го исклучи зборот „Македонија“.

БЕЗ ЗБОРОТ ,,МАКЕДОНИЈА”

Се сеќавам на тој убав сончев ден и на носталгичните мисли на времињата без тешкиот товар на одговорноста, гледајќи ги низ прозорецот на претседателовиот кабинет, насмеаните минувачи. Со засукани ракави на белата кошула и разлабавена вратоврска, по часови вртење телефони, се најдов себеси безмалку спружен врз работната маса на претседателот со министерот кој се одзва на нашите повици. Пињеиро?

Не, тоа беше Даглас Херд, министерот за надворешни работи на Велика Британија, идниот претседавач со Заедницата, кој ја напуштил конференциската сала за да се слушне со нас.

Со најдиректни зборови му го искажав нашиот протест за она што ни се подготвува во последните мигови на нивниот самит и укажав на можните тешки последици од нивната одлука. Ми вети дека сето ова ќе му го пренесе на премиерот Џон Мејџор и тука заврши разговорот.

Попладнето, претседателите и премиерите на државите-членки на ЕЗ сепак ја усвоија злогласната Лисабонска декларација, со која изразија подготвеност да ја признаат нашата држава ако во нејзиното име не е содржан зборот „Македонија“.

Благодарејќи на претседавачот Португалија која го кроеше дневниот ред и ги подготвуваше документите, Грција го доби тоа што го посака.

Пињеиро, пак, го доби лукративното и влијателното место за кое што сонуваа многу европски политичари и дипломати- комесар на ЕЗ. Јас пак добив практична потврда на една лекција од теоријата за меѓународната политика дека исто онака како што државите не сакаат да се спречкуваат со своите партнери во сојузот заради своите државни интереси, и политичарите не се спречкуваат меѓу себе заради нивните лични интереси.

Комбинацијата на двата интереси, пак, можеше да има фатални последици по Македонија. Но, навистина, може ли да пропадне држава поради кариерата на политичар?

Одговорот е потврден – како во меѓународната, така и во домашната политика! И кога навистина помислив дека цинизмот е единствениот исправен начин да се гледа на меѓународната политика, на сцена стапија Британците за да ме разубедат. По искуството со португалската дипломатија, тоа што следеше со Британците беше нешто друго.

ТОЧКАТА НА ВРИЕЊЕ

Но, после Лисабонската декларација, политичката состојба во Македонија стаса до точка на вриење. Прашањето што лебдеше во воздухот беше: ако е толку добра нашата надворешна политика, како тогаш не дава резултати.

Се свика седница на парламентот на која се определив да зборувам од срце и од убедување. Ни на крај памет не ми паѓаше да зборувам за работите што сум ги сработил, земјите што сум ги посетил, личностите со кои сум зборувал, интервјуата што сум ги дал…

Сето тоа партиите и јавноста го знаеја. Ни на крај памет не ми беше да се правдам. Совеста ми беше мирна затоа што во се што ќе се зафатев го давав својот апсолутен максимум.

Така беше на Правниот факултет каде што угледот, статусот и независноста во поведението ги стекнував со секојдневна упорна работа, така беше и во политиката. Бев целосно посветен на задачата Македонија да стане членка на ОН.

Тој привилегиран клуб на 180 држави, меѓу повеќе од 3000 претенденти, колку што се смета дека има етнички, културни и лингвистички групи во светот кои можат само да сонуваат да имаат сопствена држава.

Значи, изворот на моите зборови кои ги кажав во нашиот парламент беше во мојата посветеност на задачата што самиот си ја поставив и во поведение во кое немаше забошотување, немаше сеирџиство, немаше лични калкулации…

Времињата беа историски, чувството на мисија беше силно и јас, како прв министер за надворешни работи на Република Македонија, бев свесен за тоа.

(Продолжува)

Поврзани новости