Лимани ќе остане во Владата како вицепремиер или ќе се пресели во Алијанса на Таравари?

Иако е речиси сигурно дека ќе се збогува со моменталната министерска функција по излегувањето од ВЛЕН, сепак, дел од неофицијалните информации одат во насока дека Фатмир Лимани можеби ќе остане во Владата како вицепремиер. Од друга страна, според партиски извори, ДУИ работи на приближување на Лимани со Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, со цел тој да се пресели во опозицискиот табор.

by vlatko 14:32
14:32

Каде ќе заврши министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, откако најверојатно ќе биде променет од оваа функција за време на претстојната владина реконструкција најавена за крајот на јуни, откако тој ги наруши односите со лидерите на ВЛЕН и не стана дел од органите на новоформираната партија?

Мицкоски најави реконструкција на крај на јуни – Филков, Љутков, Ристовски се главни кандидати за смена!

Како што е познато, тој беше потпретседател на БЕСА и стана министер како кадар на оваа партија, која беше дел од коалицијата ВЛЕН, неодамна трансформирана во единствена политичка партија на чело со двајца копретседатели – Биљал Касами и Изет Меџити.

Со текот на времето, Лимани прво ги наруши односите со сопартијците во БЕСА и потоа со останатите лидери на партиите во ВЛЕН, а дека неповратно се оддалечува од оваа партија стана дефинитивно јасно кога седна на заедничка маса на ифтарска вечера во Тирана заедно со албанските опозициски лидери во земјава Али Ахмети и Арбен Таравари.

Но, во меѓувреме тој продолжи да ја врши министерската функција, па дури и јавно да се појавува на заеднички настани со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, што се толкуваше како сигнал дека Мицкоски се уште има доверба во Лимани, за кого претходно велеше дека е додадена вредност во Владата.

Поради сето тоа, ако постои извесност дека Лимани ќе мора да се збогува со моменталната функција, особено ако овој ресор остане во рацете на ВЛЕН, тогаш се уште постои неизвесност дали тој ќе мора целосно да ја напушти власта или пак можеби ќе остане во Владата, со тоа што ќе ротира на друга функција?

Според неофицијални информации, Лимани има добри и коректни односи со Мицкоски уште од времето кога двајцата беа дел од раководството на АД ЕСМ како директор и заменик-директор, па премиерот би сакал да го задржи се уште актуелниот министер за социјала во владата.

Па така, според истите информации, Лимани на крајот би можел да заврши како вицепремиер, односно да го зазеде местото Арбен Фетаи, кој поднесе официјална оставка од позицијата вицепремиер за добро владеење, откако исто така влезе во конфликт со веќе поранешните соработници во ВЛЕН, и по се изгледа ќе заврши како специјален пратеник во Брисел.

Неофицијално, постои можност Лимани да го зазеде местото и на вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, што се јавува како реален исход доколку водечките партнери во власта оценат дека продолжувањето на мандатот на Стоиљковиќ на оваа функција, која традиционално била резервирана за етнички Албанец, и прави проблеми на Владата во целина по разни основи.

Од друга страна, пак, дознаваме дека опозициската ДУИ има поинаква желба и друг план за Лимани. Имено, во партијата на Али Ахмети нема силно расположение да го вратат назад Лимани, кој, меѓу другото, испорачуваше тешки обвинувања и кон Ахмети, кои добиваа специфична димензија од причина што двајцата се во роднинска врска.

Арно ама, како што велат високи извори од ДУИ, партијата работи да го доближи Лимани со Арбен Таравари, кој во изминатиот период ја доби битката со Зијадин Села за брендот на Алијанса за Албанците и оствари цврста соработка со ДУИ и Ахмети.

Иако од ДУИ посочуваат дека на следните избори најверојатно ќе настапат самостојно, а не во коалиција како на претходните изборни циклуси, сепак, сметаат дека привлекувањето на Лимани во опозиција ќе биде корисно за албанската опозиција, ако се има во предвид дека освојуваше по неколку илјади гласови како кандидат за градоначалник на Кичево.

Неодамна, Лимани не одговори на нашето прашање како ќе настапува во иднина? Го прашавме и Таравари околу информациите за можна соработка меѓу нив двајца, односно дали се воделе разговори во таа насока? Од него го добивме следниов одговор: „Со Фатмир Лимани се знаеме одамна, повремено пиеме кафе, но досега немаме разговарано за такви теми“.

Празнината по заминувањето на Фатмир Лимани, ВЛЕН ќе ја пополнува со Шкодран Алили

Влатко Стојановски

Слични вести