Вчера, на десет годишнината од последниот концерт на легендарниот Тоше Проески, на традиционалниот настан „Ѕвездено небо“ на плоштад „Македонија“ во Скопје, беше објавена неговата нова песна „Light the flame“, дело на англискиот продуцент Енди Рајт.
Верните обожаватели на Тоше, со помешани емоции ја дочекаа постхумно објавената песна, но и најавата за негов нов албум на англиски јазик. Тага поради прерано згаснатиот живот на музичката ѕвезда, но и радост што неговите песни живеат, и што неговото заминување, не значи крај и за неговата музика.
На шеснаесетти октомври годинава, се навршуваат десет години од трагичната смрт на Проески, кој беше една од најголемите Балкански музички ѕвезди. И денес, по една деценија, речиси е невозможно при неговото спомнување, да не се помисли и на Лилјана Петровиќ (59), неговата долгогодишна менаџерка, која во целост се посвети на напредокот на неговата кариера и со чија помош Тоше успеа да стане препознатлив музички бренд во регионот.
По неговата смрт во сообраќајната несреќа во Хрватска, во која и Петровиќ беше сопатник и помина со лесни повреди, таа сосема се повлече од јавниот живот. Се пресели во Србија, и одбиваше да дава изјави за медиумите. Единствено познато за неа беше тоа што започнала да одгледува лаванда, и ставила крај на кариерата како менаџер.
„Фокус“ успеа да стапи во контакт со жената под чија закрила Проески успеа да ја издигне својата кариера, а која по неговата смрт, неретко беше мета на напади од страна на наши медиуми, најчесто во врска со начинот на кој ја водела неговата кариера.
„Живеам на релација Смедеревска Паланка и Ниш. Како што веќе знае јавноста, се занимавам со производство и одгледување на лаванда и лековити билки, подалеку од градската врева. Малку се повлеков од се. Имам огромна плантажа со лаванда, и овде има премногу работа’’ – вели Петровиќ.
Но, сепак, таа открива дека решила да продолжи со својата работа како менаџер, и веќе започнала соработка со млад и надежен пејач.
„Ова е моја прва соработка со друг музичар, после Тоше. Тој е покрај мене, му помагам во кариерата. Веќе е популарен, но за нашата соработка сеуште е рано да откриеме детали. Се работи за млад, многу добар и талентиран човек, амбасадор на УНИЦЕФ, му помагам околу маркетинг и снимања. Во блиска иднина ќе дознаете повеќе за оваа соработка’’ – раскажува менаџерката.
Кога станува збор за Тоше, вели дека доколку би можела да го врати времето назад, не би сменила ништо во врска со начинот на кој ја водеше неговата кариера.
„Сметам дека не правев ништо погрешно. Да, кога би ги вратила стрелките на часовникот нананзад, не би сменила ништо во врска со неговата кариера. Уверена сум дека, ако не се случеше несреќата, Тоше денес ќе имаше светска кариера’’ – изјави Пертовиќ.
Таа се грижеше за неговата кариера долги години. Четириесет дена по неговата смрт, во 2007 година, јавно и порача на јавноста дека секогаш ќе ја сака Македонија, и како треба да го почитуваме она што го имаме.
„Многу ви забележувам на сите, особено на медиумите кои се главни кај народот. Затоа што не знаевте колку е голем Тоше. Затоа што требаше да го изгубите, па тогаш да сфатите колку вреди. Затоа што никогаш никој не го слушна мојот повик дека е толку вреден. Тоа беше потполно неважно“, изјави тогаш Лилјана Петровиќ.